
Судија во Италија го одби барањето на Џон Елкан, член на прочуената италијанска фамилија Ањели и претседател на автомобилските компании Стелантис и Ферари, за неговиот случај со даночно затајување да следи казна во форма на општокорисна работа.
Елкан (49) е извршен директор на семејната холдинг компанија Ексор, а обвинувањата за даночна измама се поврзани со наследството од неговата баба.
Во септември 2025, со поддршка на тужители од Торино, Елкан предложи да ја одработи казната преку општокорисна работа во период од една година, и заедно со братот Лапо и сестрата Џиневра, да ја платат договорената сума од 183 милиони евра, за случајот да се затвори.
Предлогот за општокорисна работа беше поднесен пред истражен судија во Торино, кој го отфрли истиот на 11-ти февруари, а тоа значи дека случајот ќе продолжи на суд.
Одбивањето од страна на судијата не ја менува висината на паричната компензација, затоа што Елканови веќе ги платија административните трошоци, но не и казнениот дел од спорот.
Доколку се одржи судењето, „ќе покажеме дека Џон Елкан ништо не погрешил,“ кажаа адвокатите Паоло Синискалчи и Федерико Чекони во нивното заедничко соопштение.
Елкан е вмешан во сложен спор околу имотот на неговиот дедо, Џани Ањели, прочуен поранешен шеф на Фиат, кој почина во 2003 година, и неговата сопруга Мареле Карачоло, почината во 2019 година.
Судија во Торино во декември им наложи на обвинителите да поднесат обвинение против Елкан, по две точки за даночна измама, одбивајќи го барањето на обвинителството за повлекување на обвиненијата.
Во битката за наследство, којашто ја подели деловната династија што се вбројува меѓу најпознатите во Италија, се води спор меѓу мајката на Елкан, Маргерита Ањели, наследничка на 1,2 милијарда евра, и три од нејзините осум деца, меѓу коишто е и нејзиниот најстар син Џон Елкан.
Во граѓанската постапка што е во тек, Маргерита се бори да ги поништи договорите што ги потпиша во 2004 година, за дел од парите што таа ги има наследено од своите родители да им припаднат и на петте деца од вториот брак.















