за

Толку лесно ли се палат електричните автомобили?

Забраната за електрични автомобили да паркираат во подземна гаража во два германски градови поттикна масовна серија реакции. Во приказните сепак е додаден „оган“.

Пожар на автомобил во подземна гаража во гратче во Баварија и големо оштетување на истата, ги наведе властите да воведат забрана за електричните автомобили да се паркираат во подземните гаражи. Информацијата предизвика широка дебата далеку од границите на земјата.

Случајот со свежо воведената забрана за електрични автомобили во подземните гаражи во Кулмбах, гратче со околу 25.000 жители во Баварија, се поврзува со пожарот на автомобил во подземна гаража во септември лани. Градбата била толку оштетена од пожарот, што морало да се постават дополнителни челични потпори. Санирањето траело три месеци и чинело околу 200.000 евра.

За вакви случаи да не се повторуваат, Градот забрани во подземните гаражи да се паркираат електрични автомобили, исто и хибридни автомобили. Втор град во Германија со ваква забрана е Леонберг, во близина на Штутгарт. Дали сега возачите на електрични автомобили треба да стравуваат кога ќе паркираат во подземни или катни гаражи?

Проблемот е многу посложен, затоа што масовното ширење на мрежата од електрични полначи редовно ги вклучува и подземните и катните гаражи, не само во Германија, туку глобално. Возилата таму остануваат паркирани неколку часови и тоа е одлична пригода за батеријата да се наполни целосно.

Но, вистинскиот проблем е друг. Автомобилот што гореше во гаражата во Кулмбах, воопшто и не бил електричен автомобили, туку бил обично возило со обичен мотор. Градските власти аргументираат дека гаснењето на пожар на електричен автомобил во подземна гаража би било уште потешко. Понатаму, огромната топлина би можела да предизвика оштетување на бетонот и на носечката челична конструкција. Тоа би ја довело целата градба во опасност од уривање.

Реагираа и од познатиот автоклуб АДАК. Експертите на клубот посочуваат дека не може да се исклучи можноста некое возило да се запали, поради настанат дефект. Но, тоа важи за сите видови погон. Не постојат докази дека кај електричните автомобили постои поголема опасност од палење, отколку кај возилата со обичен мотор со внатрешно согорување.

Клучниот став доаѓа од Комисијата на пожарникарските служби во земјата. Оттаму велат дека пожар на електричен автомобил може да се изгасне, иако тоа е потешко отколку при пожар на автомобил со обичен мотор. Причината за тоа се отровните пареи што се ослободуваат при пожар на електричен автомобил и може да ја оштетат кожата. Заради тоа е неопходно да се носи посебна заштитна облека. Другата причина е потребата од поголема количина вода, затоа што батеријата мора да продолжи да се лади по пожарот. Во спротивно, краток спој во одделните ќелии може да предизвика повторно палење, што понатаму ќе се пренесува од една на друга ќелија. Притоа се ослободува кислород, а тој само дополнително го поттикнува пожарот.

Електричните возила по гаснењето мора веднаш да се отстранат од гаражата и да се постават во посебен контејнер што е исполнет со вода. Понатаму, со помош на топлинска камера се следи ситуацијата.

Конечно, Германците како педантни статистичари укажуваат на вистинската опасност од пожар на електричните автомобили. Во моментов уделот на чисто електричните возила во вкупниот возен парк во земјата изнесува 1,2 процент. Доколку се вклучат и хибридните возила, заедничкиот удел достигнува 3,6 проценти. Според податоците од осигурителите, во 2019 година во Германија се регистрирани 16.900 пожари на автомобили, било причината за тоа да биле судири, вандализам или намерно палење. Од вкупно 47 милиони автомобили што возат по германските улици и патишта, тоа се 0,04 процент опожарени автомобили.

Најголемиот оператор со катни гаражи во земјата, Apcoa, исто цени дека забраната за паркирање електрични автомобили е претерана. Компанијата располага со 300 гаражи во 80 градови во Германија. Досега во нејзините гаражи имало пожари само на автомобили со обичен мотор. Во 56 гаражи на Apcoa се поставени јавно достапни електрични полначи. Нивниот број ќе расте.

Постојат убави најави за иднината, за новата генерација батерии. Тоа што гори во постоечките батерии, првенствено е течниот електролит. Оваа течност им овозможува на јоните да преминуваат меѓу анодата и катодата. Идната генерација батерии користи цврст електролит. Место течен електролит, кај нив се користи композит од полимер и керамика, а тој е незапалив. Со тоа се исклучува и можноста за самопалење поради краток спој или прегравање. За автомобил со таква батерија да се запали, единствено би морало истиот да се полее со бензин.

>>> Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дамите најмногу сакаат да се луксузираат во кабриолет Lexus

volkswagen i.d. buzz

Volkswagen одобри производство на комбе што ќе вози само