Мора да има драма кога се случуваат нештата во Мак Аутостар, впрочем таму имаат врвна практика со Мерцедеси, АМГ и Мајбах. Трите мотоцикли што беа поставени на лифт во сервисот за Дукати за свеченото отворање, се воедно и првите три мотоцикли што пристигнале на сервис, по отворањето. Сите три се посебни, од колекционерски примерок што се чува во дневна, до победоносна тркачка машина.
Првпат во Македонија се отвори достоен сервисен центар за премиум марка мотоцикли. Новото поглавје за сцената на мотоциклите беше отпочнато уште со свеченоста вредна за тв-дневник, кога Мак Аутостар го отвори салонот за Дукати. Тоа е прв претставителен и наменски салон, не само за премиум марка мотоцикли, туку и за марка мотоцикли воопшто.
Уште летоска беше најавено дека е започната изградбата на сервисен центар, којшто ќе биде природно заокружување на приказната Дукати. Тоа го напоменуваше и високиот гостин од регионалниот центар на Дукати, господинот Герардо Морико, укажувајќи на важноста на квалитетен и проверен сервис за мото-светот, посебно кога станува збор за премиум марка мотоцикли, како Дукати.
Сервисниот центар на Дукати беше отворен со пригодна свеченост во саботата, во 1-от ден од ноември. Тоа е претставителен објект со сета инфрастуктура што ја поседува центарот на Мак Аутостар, почнувајќи од пристап по широки улици, до кафуле, па и отмен ресторан на врвот на Премиум Центарот, во деловната зграда во чијашто основа се наоѓа и самиот салон на Дукати. Салон на Мерцедес, тоа е уште една димензија на искуството во овој центар. Има човек со што да се занимава тука, додека мотоциклот е оставен во сервис за дневно одржување.
На влезот во сервисниот центар е просторно приемно одделение, со изложени производи од приборот на Дукати, а тука веројатно ќе биде изложен и по некој од најпретставителните моделски серии на италијанската марка. Вистинската слика се добива по влезот во тоа што некој можеби ќе го погреши дека е салонот на Дукати, а всушност е сервисот. Од три страни, објектот е целосно под стакло. Мотоциклистите ја сакаат слободата на просторот, за тоа се работи, па барем и во тие пет минути што ќе ги поминат во сервисната работилница, додека се уверат дека нивната миленичка е оставена на сигурно место.
Сцената тука личи повеќе како бокс на трка, отколку како сервисна работилница
Трите лифтови со скапи мотоцикли на нив покажуваат еден сосем различен свет на мотоциклите, различен од оној на автомобилите, но и не мора да се гледа толку различно. Тука се користат скапи штендери, централен штендер за шасија, алуминиумски работни плочи, навидум чудни алати како за вселенски брод – сцената повеќе личи како бокс на победнички тим од мотоциклистичките трки, отколку на сервисна работилница.
На сета опрема што е вградена во сервисот стои едно име, Лв 8, односно Елевејт. Тоа е овластен добавувач на сервисна опрема за Дукати, што 100% е италијански производ. Кај Италијанците, се мора да биде отмено. Заедничката боја на сета оваа опрема во сервисот е црвена. Но, не само црвена, туку e Дукати Росо, со број 473.101.
View this post on Instagram
Македонскиот центар е од поширока регионална важност, мотоциклисти доаѓаат отсекаде
На сите страни стои името Лв 8, тука ќе се најдат на домашен терен и мотоцклисти што тргнале на пат преку седум планини. Македонскиот сервисен центар на Дукати не се издвојува по обемот на инвестициите и значењето само во домашни рамки, туку и во регионални рамки. Истото беше впрочем случај и со самиот центар на Мак Аутостар, најпретставителниот центар на Мерцедес-Бенц во регионот, кој и по дваесетина години е свеж.
Кога ќе се погледнат трите сервисни првенчиња, тоа е посебна приказна. Вниманието посебно го привлече Дукати МХ900е, ретро модел изработуван во 2001 и 2002 година, во серија од само 2.000 примероци. Цената тогаш му изнесувала преку 120.000 евра и оттогаш расте. Тоа е македонски колекционерски примерок, што сопственикот го чува со голема љубов и што за свеченоста беше донесен на приколка. Овој исклучителен историски модел е изработен во чест на Дукати 900 МХР од 984 година.

Макината поставена во средината е модифицирана тркачка верзија на Панигале, во сопственост на познат македонски мотоциклист, меѓу другото секако со издув Акраповиќ, но и со бројни зафати во суспензијата. Триото го заокружи Дукати Панигале В4 СП2, изработен во серија од 500 примероци, во чест на 30-годишината на Панигале 916, и тој вреден преку 60.000 евра. Како еден од првите стотина примероци во серијата, вредноста уште толку му е повисока. За потсетување: Четирицилиндарец во В од 1,1 литар, 215,5 КС при 13.000 вртежи и тежина 173 килограми. Сите три мотоцикли се на македонски возачи.
Дукати сепак е произведен за да трае и да ја задржи вредноста низ годините, затоа редовното одржување е уште поважно
Кога ќе се спомне сервис, човек прво помислува на поправка, меѓутоа сервисирањето во центар од ваков калибар – и на мотоцкли од ваков калибар – повеќе се однесува на редовно одржување и проверка. Дукати сепак е произведен за да трае и да ја задржи вредноста низ годините, инвестиција впрочем.
Точна евиденција на возниот парк на Дукати во Македонија е сложено да се води, главно поради заштита на лични податоци, меѓутоа познавачите проценуваат дека станува збор за околу 200 мотоцикли. Но, кога еднаш ќе се качи човек на Галичица да го погледне Охридско, или кој било друг крај на нашата прекрасна држава, ќе забележи и колку странски мотоцикли доаѓаат во Македонија да уживаат во возењето тука. Затоа, македонскиот центар е од поширока регионална важност за марката Дукати.
Секако, сервисниот центар на Мак Аутостар е дополнителна реклама што ќе ги убеди намерниците да се решат за Дукати.
















