Донгфенг цели на 5 милиони возила и 40% извоз до 2030 година

Донгфенг Мотор на салонот Ауто Кина 2026 во Пекинг го најави новиот петгодишен план, којшто вклучува раст на производството и на извозот, вложување во развој, и секако, масовна електрификација.

На 24-ти април беше отворено 19-то издание на салонот на автомобили во Пекинг, којшто се одржува под мотото „Водење на ерата, паметна иднина“. Донгфенг Мотор, најзастапениот кинески производител на македонскиот пазар, настапи на салонот под своето мото „Се крева источниот ветар, паметно ја насочува иднината“. Донгфенг, патем, на мандарински јазик, значи токму источен ветар.

Јанг Чин, претседател на Донгфенг Мотор, на настанот за медиуми изјави дека годишната продажба на електрични и хибридни возила надминала 1 милион возила, со удел на сопствените марки на групацијата од 60 проценти. Донгфенг, покрај возила од своите марки, произведува и модели на Нисан, Инфинити, Хонда, Ситроен и Пежо за кинескиот пазар.

Со отпочнувањето на 15-от петгодишен план на Донгфенг Мотор, производителот се впушта дополнително во подрачјата на вештачката интелигенција, насочување кон производство со обновлива енергија и ниска емисија на ЦО2, како и зајакнување на продажбата на светскиот пазар.

Фенг Чангџун, директор на Донгфенг Мотор го најави планот 13343

Директорот на компанијата, Фенг Чангџун, го опиша новиот план како 13343, со вообичаеното кинеско толкување на бројките:

  • 1 значи дека целта е една. Тоа е квалитетен развој и трансформација на Донгфенг во интелигентен, „зелен“ и светски производител. Тој план треба да доведе до ниво на производство од 5 милиони возила во 2030 година, со удел на електричните и хибридните возила од 70 проценти, со учество на извозот од 40 проценти и со издвојување средства за развој и истражување во висина од преку 7 проценти од добивката.
  • Првата тројка е за трите визии на Донгфенг: Паметен, зелен и светски, што им служи на купувачите и создава вредност.
  • Втората тројка се однесува на трите посебни начини на коишто ќе бидат постигнати одделните визии опфатени во првата тројка.
  • Четворката ги означува 4-те екосистеми, за изградба на Донгфенг преку иновации, трансформација, интеграција и симбиоза.
  • Последната тројка е за трите подрачја на развој, односно трансформација на Донгфенг во производител што им служи на корисниците и создава вредност.

Главната премиера на Донгфенг на салонот беше концептот на теренски автомобил со класични линии Е-Ку Риборн. Претседателот Ју Ченг го опиша возилото како спој на „сокриена моќ, насобрана инерција, воздржаност, автентичност и далекусежна визија“.

Концепт Донгфенг Е Ку Риборн

Концептот веројатно го најавува идниот сериски модел, којшто се потпира на моќниот имиџ што камионот Донгфенг Е Ку 240, го има изградено во земјата, меѓу другото користен и како воено возило. Освен со впечатливиот дизајн, Е Ку Риборн се одликува и со каросерија од челик со ултрависока цврстина, напредна батерија со цврст електролит што уште не се користи во сериско производство, како и со напредни системи за асистенција/автномно возење и онлајн услуги во возилото – две мошне важни подрачја за кинеските возачки и возачи.

На штандот на Донгфенг се изложени 26 возила, 13 технолошки експонати. Посебно се издвојува новата марка Епикленд, којашто е настаната во соработка меѓу Донгфенг и техно-гигантот Хуавеј. Епикленд ќе произведува електрични СУВ возила со премиум карактер и напредна технологија.

Епикленд Икс 9

Првиот модел од новата марка Епикленд имаше почесно место на штандот, СУВ со ознака Икс 9. Посебност е системот за самостојно возење, што се базира на врвна технологија на Хуавеј, позната како Чианкун АДС 5.0.

Кај марката Фортинг, одлично позната на македонскиот пазар, новина е ванот со шест седишта и ознака В6. Семејниот ван користи целосно електирчен погон, но и истата напредна технологија за автономно возење како Епикленд, што потекнува од Хуавеј. Фортинг на македонскиот пазар го нуди ванот Ју-Тур, со слична големина, којшто е со класичен бензинец, познат од Т5 Ево.

Фортинг В6

Новина што исто така го засега македонскиот пазар е кросовер изведбата од електричниот градски модел Нано Бокс 01, што веројатно ќе биде вклучена и во тукашната понуда од модели на Донгфенг.

Донгфенг Нами Бокс 01 Кросовер

Моќниот настап го заокружи нова верзија на теренецот со суперлативи Менгши М817, со дополнително зголемена моќност од 4-те електромотори што го задвуживаат возилото. Познати како М-Херо, ова возило се нуди и на неколку големи пазари во Европа, со цена што се движи далеку над 100.000 евра.

Кинеска докторка за чувството во М 817: „Оваа голема софа навистина е удобна за лежење“

Донгфенг знае во кој правец продолжува иднината и прикажа моќна горивна ќелија со моќност од 300 киловати, наменета за погон на тешки камиони – со погон на водород.

Претходна објаваАлфа Ромео организира возачка школа со Џулија Квадрифољо, не може да е евтино
Следна објаваСамо една од секои десет продадени Тојоти во Европа не е хибрид или електрична

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here