Алфа Ромео организира возачка школа со Џулија Квадрифољо, не може да е евтино

Алфа Ромео го обнови партнерството со Скудерија де Адамич, коешто датира од 1991 година. На Алфистите им се нудат четири програми на обука и возење на целата гама на тркачка патека.

Тркачката патека Варано де Мелегари е местото на збиднувањата, каде што се вози во екстремни услови под надзор на професионални инструктори.

Од минатата седмица, повторно работи возачката академија на Алфа Ромео во организација на Скудерија де Адамич. Тоа е една од најстарите школи во светот на возењето автомобили со високи перформанси.

Во програмите се опфатени четирите модели на Алфа Ромео, од Јуниор, преку Тонале, до врвните изведби на Џулија и Стелвио. Се вози на тркачката патека Варано де Мелегари, во близина на Парма, во северна Италија.

Може да се избира меѓу четири степени на возачко искуство. Секоја обука почнува со часови за Безбедно возење, коешто има за цел да ги изостри рефлексите и да поучи како да се реагира во опасни ситуации. Вториот степен е Посветено возење, за возачи што сакаат да ги искусат крајните граници на автомобилот, во безбедни услови.

Третото ниво е Спортско возење, со постојано држење на возилото во крајни граници, исто како на трка. Над тоа следи Напредно возење, како врвно ниво на обука, за возачи што сакаат својата возачка техника да ја донесат до совршенство.

Секако дека програмата за спортско возење привлекува најмногу внимание. Обуката трае еден ден. На патека се доаѓа во 8.45 часот, завршува во 17 часот. Покрај возење во вонредни услови, вклучувајќи мокра патека, овој курс овозможува и седнување зад волан на Џулија Квадрифољо и Алфа 4Ц.

Цената е 1.050 евра, без ДДВ, и без сместување.

Претходна објаваФолксваген Поло стана електрично и чини 25.000 евра
Следна објаваДонгфенг цели на 5 милиони возила и 40% извоз до 2030 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here