Семејството електрични модели ИД на Фолксваген се проширува во градската класа. ИД.Поло е прв модел од ова семејство што користи традиционално име. Намерата на Фолксваген е да го поврзе новакот со вредната историја на моделот со ова име. Во шест генерации досега, почнувајќи од 1975 година, произведени се над 20 милиони Пола.
Целосно електричното ИД.Поло е сериската верзија од моделот што Фолксваген го најави уште во 2023 година, со студијата ИД.2ол. Тоа не е најголемиот, но пак е најважниот модел во електричната стратегија на германската марка. Најважното што го постигнува Фау Ве со овој чекор е тоа што значително го спушта ценовниот праг за влез во светот на електричните возила на марката. Производитеот уште одамна вети дека цената на основната изведба на ИД.Поло ќе биде под 25.000 евра.
Волфсбург го исполни ветувањето. ИД.Поло во основната изведба Тренд чини 24.995 евра. Кога во септември ќе започнат испораките на домашниот пазар, таа изведба ќе биде достапна, но во моментов не може да се нарачува. Како што стои на германскиот вебсајт, тамошните купувачи ќе мора да се стрпат до јуни. Во моментов се достапни изведбите Лајф и Стајл, што почнуваат од 33.795, односно 36.995 евра.
Како што е вообичаено за секој важен модел што првпат гази асфалт, ИД.Поло стартува во Лонч-издание, со многу опрема и посебности во изгледот, како награда за раните купувачи.

Преработена е електричната платформа за да се постигне цената
Исто како ИД.3 Нео, електричното Поло се потпира врз преработена верзија на модуларната електрична платформа МЕБ на концернот, што се води како МЕБ+. Место назад, погонот е на предната оска. Со тоа се постигна многу простор во комбилимузината што е долга 4,05 метри и располага со багажник од 440 литри.
Рекламниот слоган што е стар преку 50 години и гласи „Надвор мало. Внатре големо“, за електричното Поло важи повеќе од кога било.
Со рационалното искористување на просторот што го овозможува електричниот погон, во Поло има доволно место за возрасни патници и на задната клупа. Електричното Поло користи еден трик што главно го извежбаа италијанските марки – рачката за задната врата е сокриена во рамката на прозорецот.

Спој на дигитална технологија и аналоген дизајн
Главниот дизајнер Андреас Миндт не експериментираше и на ИД.Поло му нацрта класичен дизајн на Фау Ве, што изгледа познато и допладливо. Внатрешноста поентира со просторноста, а поправени се и излетите со сензорските полиња и прекинувачи на допир, за коишто негодуваа корисниците на ИД.3 пред да стане ИД.3 Нео. „Јасни физички копчиња се грижат за стабилност и доверба“, вели Миндт, за враќањето на вистинските прекинувачи.
Голем погодок се ретро инструментите. На копче, дигиталните инструменти што се прикажуваат на екранот од 10 инчи, се враќаат низ времето и се претвораат во инструменти што изгледаат како кај Голф 1. Јасно е дека Германците на тој начин сакаат да играат на карта емоции и воопшто не погрешија со овој потег.
ИД.Поло ќе се нуди во три нивоа на опременост: Тренд, Лајф и Стајл, исто како кај ИД.3 Нео. Исто толку има погонски варијанти: 85 кВ (116 КС), 99 кВ (135 КС) и 155 кВ (211 КС). Со посебна помпа, понатаму ќе биде пуштена ГТИ-изведбата со 226 КС.
Струјата се чува во батерија од 37, односно 52 киловатчасови, кај којашто досегот е 455 километри. Батеријата стандардно нуди можност за брзо полнење со моќност до 90 киловати, додека големата батерија забрзува со 105 кВ. Зависно од изведбата, брзото полнење трае меѓу 24 и 27 минути.

Батериските ќелии се домашен производ на Пауер Ко
За батеријата се користат ќелии што се развиени и самостојно изработени во сопствениот огранок Пауер Ко. Кај големата батерија се користи хемија НМЦ (никел-манган-кобалт), додека малата батерија користи подостапна хемија ЛФП (литиум-железо-фосфат), и со тоа располага со помала енергетска густина.
Ќелиите НМЦ веќе се произведуваат во фабриката во Залцгитер. Но, тие пак се зависни од добавувачи отстрана. ЛФП-батеријата се произведува надвор од концернот и претпоставка е дека во почетокот ќе се вградуваат батериите од кинескиот Гоушн, каде што Фау Ве поседува акции.
Платформата МЕБ+ претрпе и зафати во подвозјето. Производителот ветува комфор во возење што е својствен за повисоките класи. За разлика од првите ИД.3, тука двете оски имаат диск сопирачки. Тие сепак ќе имаат помалку работа, затоа што во бројни ситуации ќе може да се забавува само со отпуштање на педалата за возење, при што се дополнува батеријата. Со оваа т.н. рекперација, ИД.Поло може целосно да запре без да се притисне сопирачката.

Современи системи за асистенција и комфорна опрема
Од регалот на Фау Ве доаѓаат најмодерни системи за асистенција, вклучувајќи и систем за автономно возење што препознава црвено светло на семафор, забрзува, забавува и следи лента. Возачот треба само да ги држи дланките на воланот и да гледа пред себе.
Матрични светла, квалитетен аудио систем од Харман Кардон со 425 вати или масажа на седишта веќе одамна не се новина во градската класа, но и не се толку чести. Секако дека за повеќето од овие удобства треба да се доплати.
ИД.Поло го чека силна конкуренција
Изненадува колку конкуренти се појавија за кусо време. Прв соперник е Ситроен е-Ц3, а тука е и ретро моделот Рено 5 Е-Тек Електрик, што се продава одлично. Од 25.000 евра стартуваат и Киа ЕВ2, Фиат Гранде Панда. Не недостигаат Кинезите. Прв е Донгфенг Бокс 1, најдостапен ЕВ на македонскиот пазар, додека на западноевропските пазари го чека БИД Долфин Сурф.
Мисијата на Фолксваген со ИД. Поло е да понуди златна средина. Без лајфстајл и трендови, и без притисокот да се понуди по најниска можна цена, но затоа со јасно позиционирање на пазарот, со солидна техника и име на Фолксваген и Поло.
















