за

Внимателно за дизелот да не замрзне при претстојните студови

Во следните десетина ноќи ни претстојат температури под нулата, во некои денови дури и под десеттиот степен Целзиусов. Дизелот има заштита, но неколку вредни совети не се на одмет.

турбо дизел знак

Температурите далеку под нулата може да бидат опасни за автомобилите со дизел мотор. На станиците за гориво на поголемите дистрибутери во Македонија, во зимскиот период се точи специјален зимски дизел, кој меѓу другото содржи адитиви против смрзнување на горивото. Кој сака дополнително да се осигура, може да ги примени следните совети.

По пролетните температури деновиве, во следните денови ни претстои постуден период, како што се наведува во временските прогнози. Во некои делови од земјата, температурите ноќе ќе се спуштат и до десеттиот степен Целсиузов под нулата. Кај возилата со дизел мотор, овие температури можат да предизвикаат проблеми.

Макпетрол конкретно во периодот од 16-ти ноември до 29-ти февруари точи зимски дизел од класа Е, кој нуди заштита од замрзнување до -15 степени Целзиусови. Постои и преоден период (од 1.10. до 15.11.), кога се точи дизел со заштита до десет степени под нулата. Доколку не содржи адитиви, во дизелот при температури под -7 степени Целзиусови почнуваат да се создаваат таканаречени парафински кристали. Овие кристали, кои искусните возачи добро ги познаваат како „парафин“, можат да го зачепат системот за гориво и филтерот за гориво.

Примероците од Oldsmobile со дизел мотор денес се ценети олдтајмери

Првите кристали може да почнат да се создаваат и порано од температурата до којашто важи заштитата. Во најлош случај, парафинските кристали може да предизвикаат скапи штети, меѓу другото и на самите прскалки, на „дизните“. За тоа да не се случи, повеќето автомобили од новите генерации располагаат со посебен систем за греење, кој го штити системот за гориво од мрзнење. Некои возачи сепак сакаат да имаат дополнителна сигурност дека нивниот автомобил ќе биде поштеден од проблеми.

Зошто минусните температури се проблематични за дизелот?

Дизелот содржи парафини заради подобро подмачкување, но и за почисто согорување. При спуштање на температурите, овие парафини почнуваат да создаваат мали кристали и се згрутчуваат. Овие грутчиња може да заглават во филтерот за гориво. Поголемите грутки можат да ги зачепат водовите за гориво, пумпата за гориво и дизните. Поради тоа, зимскиот дизел содржи специјални адитиви, што спречуваат згрутчување на парафинските кристали.

Како дизелот да се заштити од мрзнење?

Секако дека најдобрата заштита од студ е автомобилот да се паркира во гаража. Доколку не се располага со гаража, може да се внимава возилото да се остави на место што е заштитено од силен ветер, односно во заветрина.

Додајте адитиви. Зимскиот дизел содржи адитиви, кои веќе штитат од мрзнење. Но, може заради дополнителна заштита и самите да додадете адитив во горивото. Сепак треба да се внимава многу и да се провери дали на амбалажата на средството е наведено дека производителот на автомобилот го одобрува неговото користење. Доколку се користат погрешни средства, може да се смали ефектот на подмачкување што го има горивото. Денешните средства сепак имаат таков состав што прави нивната примена да биде универзална. Адитивот веќе е во зимското гориво и со додавање повеќе адитив соодветно ќе се зголеми и неговата отпорност на мрзнење, на пример до -20 степени Целзиусови.

Дизел моторот бара внимание. Во филтерот за гориво се собира вода, што треба редовно да се испушта. Во спротивно, водата ќе замрзне, а со тоа ќе го зачепи и филтерот. Празнењето на филтерот е ставка при редовниот сервисен интервал на возилото – доколку вашиот сервис го пропушта овој „детал“, тогаш е подобро да се побара друг сервис.

Како да се постапи ако системот за гориво веќе е зачепен?

Кога моторот не може да стартува, затоа што се наталожиле премногу парафински честички, системот за гориво мора да се одмрзне. За таа цел, возилото треба да се остави на топло место, на пример во сервисна работилница. Но, за тоа мора да се ангажира влечна служба. Откако системот ќе се загрее, парафинските честички се растопуваат и дизелот повторно е течлив. Обично е потребно филтерот за гориво да се замени потоа.

Како не треба да се постапува при мрзнење на дизелот?

Не го одмрзнувајте системот за гориво со фен. Кој се обидува да ги загрее водовите и резервоарот со фен или слични уреди, се изложува на голема опасност – вклучувајќи и пожар!

Не долевајте бензин. Порано во дизелот се додаваше мала количина бензин. Тоа никако не смее да се применува кај поновите возила. Актуелните генерации се мошне чувствителни и на тој начин може да се предизвика оштетување на моторот.

>>> Додавање бензин во дизелот е лоша идеја

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota среде Америка произведе 30 милиони автомобили

Toyota среде Америка произведе 30 милиони автомобили

MITSUBISHI outlander plugin hybrid germanija

Mitsubishi Outlander бил најпродаван СУВ со приклучен хибрид лани