за

Германија: Казна за паркирање на тротоар 100€, пред полнач 55€

Воведени се повисоки казни за сообраќајни прекршоци во Германија. Се казнува и за брмчење, за непотребно загадување, за запирање на велосипедска патека.

Од денес, учесниците во сообраќајот во Германија ќе се соочат со повисоки казни за недозволено однесување и постапување, како брзо возење и погрешно паркирање. Целта е да се подобри безбедноста, а посебно да се заштитат велосипедистите и пешаците.

По долги и вжештени расправи околу воведувањето нови и построги казни, од денес во Германија се применува новиот тарифник за сообраќајни прекршоци. Казните за брзо возење во град и на отворен пат се зголемени двојно. Доколку во населено место се вози меѓу 31 и 40 km/h побрзо од дозволеното, отсега се плаќа казна во висина од 260 евра, место 160 евра. Забраната за возење во времетраење од еден месец останува непроменета.

За споредба, во Македонија за истиот прекршок следи казна во висина од 300 евра, односно половина од сумата доколку се плати во рок од една седмица. Законот во Македонија предвидува и забрана за возење во времетраење од три месеци до една година.

Во случај дозволената брзина во град да се пречекори за повеќе од 70 km/h, следи парична казна во висина од 800 евра (досега 680 евра), како и забрана за управување возило во времетраење од 3 месеци.

Покрај зголемувањето на висината на казните, воведени се и нови санкции за следните прекршоци:

За паркирање на тротоар и велосипедска патека, за недоволено запирање на лента за велосипеди, за паркирање и задржување во втор ред, казната е 110 евра. Доколку притоа се попречуваат или загрозуваат останатите учесници во сообраќајот, следи и еден казнен бод.

За паркирање на простор што е резервиран за пристапување на противпожарно возило или за попречување на возила за итна помош, висината на казната се зголемува на 100 евра.

За неовластено паркирање на простор за паркирање на лица со телесна попреченост, следи казна во висина од 55 евра.

Новина е паричната казна во висина од 55 евра за неовластено паркирање на место за возила со електричен погон и за возила на компаниите за Carsharing.

Строга парична казна следи за недозволено користење лента што се ослободува за возила за итна помош, исто како и за неучество во создавањето на истата. Паричната казна изнесува меѓу 200 и 320 евра, а следи и еден месец забрана за возење.

Возачи на камиони што не ја почитуваат обврската, при скршнување во десно во град да возат со брзина на човечки óд, отсега се казнуваат со 70 евра глоба, а се добива и казнен бод.

Со казна се соочуваат и „автопозерите“. Паричната казна за создавање непотребна бучава и за испуштање издувни гасови што можело да се избегне, како и за бескорисно возење ваму-таму, отсега се зголемува на 100 евра, како највисока вредност.

Заради заштита на пешаците, на тротоарскиот простор што е наменет за пешаци не смее да се возат велосипеди или електрични скутери, во спротивно следи казна во висина до 100 евра.

Од германската сообраќајна полиција коментират дека досегашните казни во бројни случаи биле премногу благи и поради тоа било потребно да се преземе чекор со зголемување на истите. Покрај тоа, се бара и засилено контролирање од страна на полицијата.

>>> Переци за велосипедистите: Иницијатива на германското министерство за сообраќај

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia започна со производство на новиот Sportage во Жилина

Британците засилено купуваат користени хибриди и електромобили