
Дефендер, сега како марка на ЈЛР, место како моделско име, ги повикува авантуристите со незапирлив дух да се впуштат во нов предизвик. Новиот Дефенер Трофи влече корени од легендарните Трофи и Челинџ, меѓутоа донесува бројни новини. Има и специјална серија на Дефендер.
Кандидатите што ќе се пријават за новиот Дефендер Трофи, мора прво да поминат три чекори на селекција, за да докажат дека се дораснати за најтешкиот автомобилскиот предизвик на планетава.
Дефендер со децениии се користи како возило по избор на истражувачи и лидери на експедиции. Британската култна марка (Дефендер сега е марка на Џајгуар Ланд Ровер, заедно со Дискавери, Рејнџ Ровер и Џагјуар) ги повикува авантуристите во повеќе од 50 земји за учество во новиот предизвик.
Летово ќе почнат изборите на локално ниво, за во следната пролет да се решава кои кандидати ќе бидат избрани за настанот што ќе се одржува во Африка во 2026 година. Целиот проект се одвива во соработка со дводеценискиот партнер на Дефендер за зачувување на животната средина, Таск.
Избраните натпреварувачи ќе добијат единствена животна можност да бидат дел од тимовите на историска мисија, што остава највредни сеќавања и искуства, поврзувајќи ги луѓето и местата низ коишто минува рутата.
Во чест на новото Трофи, Британците изработија посебна изведба Дефендер 110 Трофи Едишн, којашто духот на авантурата од беспаќата ќе ја пренесува на асфалтот. Овој посебен модел ќе биде достапен во две бои, Дип Сендглоу Јелоу и Кесвик Грин. Секако дека освен во бојата, специјалната серија се разликува и во бројни ставки во опремата, главно ставки што се во насока на теренската способност на Дефендер.
Марк Камерон, директор на Дефендер, изјави: „Светските авантури и заедницата се материјалот од којшто се состои генот на марката Дефендер со децении наназад, останувајќи верна на корените што водат до оригиналниот Ланд Ровер од 1948 година.“
Дефендер Трофи е од посебен вид, затоа што ќе бара натпреварувачите да соработуваат при совладувањето на теренските препреки, да се соочуваат со физички предизвици и да решаваат тактички тестови. Сето тоа е под предзнакот на заштитата на животната средина и Таск.
Кандидатите мора да бидат на возраст над 23 години, да можат да испливаат 50 метри, течно да говорат англиски.
На следната врска може да се проверат условите за учество http://landrover.com/defender-trophy.
Со што се одликува Дефендер 110 Трофи Едишн
Џеј-Ел-Ар или уште познат како Хаус оф Брендс, со Трофи Едишн го одбележува враќањето на марката на натпреварувачката сцена. Во истата смисла се додадени и бројни ставки во приборот што клиентите можат да го додадат на своите возила.
Двете ексклузивни бои на каросеријата се токму по пример на историските модели. Дип Сендглоу Јелоу (по иглде на Трофи) и Кесвик Грин (во духот на татковината на марката) се бои што се достапни само за „Трофи“, со додатоци во сјајна црна боја што внесуваат контраст на хаубата, во дното на каросериските страници, но и во сопирачките клешти и во рефлекторните светла. По избор, може да се додадат мат заштитни фолии.
Тркалата од 20 инчи се во сјајна црна боја, со гуми за секаков терен, а меѓу посебностите понатаму се вбројуваат заштитата на арите во сјајна црна боја и црната заштита на подвозјето напред. Налепници Трофи се наоѓаат на хаубата и на задните сголбови.
Внатрешноста е во црна виндзор кожа, што секако укажува на отменоста на Дефендер, да биде во исто време и најспособен теренец, и луксузен крстосувач.
Цената за Дефендер 110 Трофи Едипш во Кралството е 89.810 фунти.















