Корпорацијата Донгфенг, мошне присутна на македонскиот пазар со марките Фортинг, Еолус, Фенгон и матичната Донгфенг, го почна следното поглавје во стратешката соработка со кинескиот џин во производството на телефони и потрошувачка електроника Хуавеј.
Според договорот, двете компании ќе соработуваат тесно во истражување и развој на напредни системи за асистенција, дигитализација и примена на висока технологија. Кога ќе се излезе од корпоративниот речник, тоа значи дека Хуавеј со својата експертиза ќе му помага на Донгфенг да воведе нова технологија и со своите возила да појде во освојување на нови пазари ширум светот.
Донгфенг, еден од трите најголеми производители на автомобили во државна сопственост, ја почна соработката со Хуавеј уште во 2018 година. Тоа му донесе нова сила на Донгфенг во воведувањето на електричниот погон во своите возила и во вмрежувањето, односно во користењето онлајн-услуги.
На големо изненадување на многумина, кинеските возачки и возачи во многу поголем обем користат онлајн услуги во своите автомобили отколку европските возачи, и при изборот на автомобил придаваат големо значење токму на онлајн-функционалноста.
Технологијата на Хуавеј оттогаш се применува во премиум марката Воја, во тактичките возила Менгши и во марката елекјрични возила И-Пај.
Кинеските производители општо се мошне крути околу пласирање на своите активности на друштвените мрежи што се „светски стандард“, така што останува да се верува во веста, дека инженерите на Воја, користејќи ги своите телефони го „повикале автомобилот со притискање копче“, да се довезе до нив, во подземна гаража во центар за развој на технологија во Вухан. Самиот автомобил користен за оваа демонстрација е спектакл. Тоа е Воја Дример, скап ван од висока класа, со електричен погон.
Видеото од тестот на Еолус Мејџ, марка на Донгфенг
Воја Дример располага со систем за автономно возење Хуавеи Чианкун и со кокпит Хонгменг. Тоа е прв електричен МПВ во ценовната класа до 350.000 јуани (околу 42.000 евра), што е способен да се движи самостојно во градска средина, да се паркира самостојно и сам да се врати до возачот.
Видео материјал или барем фотографии недостигаат и за објавата дека инженери на Донгфенг минале пат долг 13 километри низ Вухан, само седејќи во Воја Дример, без возач зад воланот. Скапиот МПВ без проблеми пропуштал пешаци, избегнувал возила, скршнувал самостојно, сé безбедно и „нероботски“.
Воја Дример е опремен со Хуавеј Чианкун АДС3.0, што прави тој да е вистински паметен автомобил, со најнапреден хардвери и со најсилни процесори во браншата – со способност за учење исто така, односно со вештачка интелигенција.
Податочниот облак што е мозокот на автономното возење, секој ден добива податоци од 35 милиони извозени километри со возилата. На секои пет денови се обновува базата.
Донгфенг напоменува дека еден од три продадени луиксузни ванови во сегментот над 350.000 јуани е токму Воја Дример.
Кинезите веќе се подготвени да го искачат и следното скалило. Во јуни стартува Воха Фри+, којшто премиерно е опремен со 4-та генерација на автономно возење на Хуавеи со 5-та генерација на кокпит Хонгменг. Потоа доаѓа и тактичкото-воено возило Менгши М817, познат и како М-Херо, со истата технологија.
















