Титулата е одбранета. По 2020 година, Mini John Cooper Works Buggy вторпат победува на Рели Дакар. Французинот Стефан Петерхансел, рекордер по бројот на победи, по дванаесетте етапи низ пустините во Саудиска Арабија се најде највисоко на подиумот, заедно со копилотот Едуард Буланже.
Петерхансел победи и 14-ти пат на Дакар, додека Mini ја одбележа шестата победа во вкупен пласман на прочуеното маратонско рели. Карлос Саинц и копилотот Виктор Круз, кои лани победија, овојпат имаа трето најдобро време.
Французинот ја мина целта на 43-то издание на Рели Дакар во Џеда со предност од 14:51 минути пред Насер Ал Атија во Toyota Hilux. Двоецот победи на само еден брзинец, меѓутоа се покажа предноста од големата постојаност и од безгрешното возење. Вториот тим на Mini со Саинц и Круз постигна три победи на етапа и го заврши релито со вкупен заостаток од 1:01.57 час зад победникот.
Во билансот на Петерхансел од Дакар спаѓаат шест титули со мотоцикл (во 1991, 1992, 1993, 1995, 1997, 1998) и осум победи со автомобил (2004, 2005, 2007, 2012, 2013, 2016, 2017, 2021). Mini четирипати во низа победуваше меѓу 2012 и 2015 година со MINI ALL4 Racing, за сега двапати во низа да победи со MINI JCW Buggy.
На овогодишното издание на релито, во водечката десетка, покрај Петерхансел и Саинц, се најде уште еден тим на Mini. Владимир Василиев (Русија) и Дмитри Цуро (Украина) го завршија релито со MINI JCW Rally на шесто место. Годинава на маратонот во Саудиска Арабија учествуваа осум Mini, шест останаа до крајот.
Стефан Петерхансел за победата на Дакар 2021:
„Многу се радувам на победата. Притисокот беше голем, затоа што долго водевме во вкупен пласман. Во таква ситуација може само да се загуби. Но, морам да кажам дека го извозевме Дакар речиси совршено и без поголеми грешки. Тоа повторно беше клучот на успехот.“
https://www.instagram.com/p/CKEDQAzBG4u/
https://www.instagram.com/p/CKBWFN7Bhmn/
















