Daimler Truck AG во соработка со BP Advanced Mobility Limited BP заеднички ќе работи на развој и проширување на мрежа од станици за водород. Со договорот меѓу двата партнери се предвидува до 2030 година да се изградат до 25 станици за водород во Велика Британија.
Првите камиони на Daimler Truck што користат водород како погонско гориво се очекува да бидат испорачани во Велика Британија во 2025 година. Дотогаш веќе ќе бидат избградени повеќе станици за точење водород во островската земја. За изградбата ќе биде задолжен British Petrol.
Карин Радстром, директорка за марката камиони Mercedes-Benz, открива како ќе изгледа тешкиот патен транспорт во блиска иднина: „Погонот со горивни ќелии што работат со водород ќе биде клучен во транспортот на долги релации со тешки камиони со нулта емисија на СО2.“ Првата дама на марката со големите и скапи камиони бара и политиката да се вклучи соодветно, за мрежата од станици за точење водород да се шири и на клиентите да им се овозможи исплатлива примена на камиони со горивни ќелии.
Освен во изградбата на станиците за „водородно гориво“, BP ќе учествува и во самото производство на водородот. Од чисто нафтена компанија, BP преоѓа во интегрирано енергетско претпријатие, што значи дека ќе се занимава и со водородниот погон, исто како и со батерискиот електричен погон.
Во основа, водородниот погон исто така е електричен погон, со таа разлика што возилото не користи тешка и скапа батерија, туку резервоари за водород што се полнат за пет минути
Daimler Truck AG планира до 2039 година, во Европа, Јапонија и Северна Америка да нуди само нови возила што при возењето се неутрални во однос на СО2. Моментно по патиштата во Германија се тестира прототип на Mercedes-Benz GenH2 Truck, камион што користи водород како погонско гориво. Првите примероци од сериско производство ќе бидат испорачани веќе во 2027 година.
BP располага со мрежа од 11.000 станици за полнење за електрични автомобили, а планот е до 2030 година таа да се прошири на 70.000 станици. Потпишаниот договор со Daimler Trucks AG е прв чекор на BP во подрачјето на водородот во камионскиот транспорт.
Во Тисајд, Велика Британија, компанијата планира изградба на погон за производство на водород. Со раздвојување на јагленород од природен гас, погонот ќе произведува водород со енергетски еквивалент на 1 GW. План на британската влада е земјата до 2030 година да се достигне капацитет од 5 GW водород.