Градскиот сообраќај е најголем предизвик за технологијата на автономно возење. Фирмата што е специјализирана за оваа технологија во рамките на General Motors, уште во текот на годинава ќе пушти таканаречени роботски автомобили да сообраќаат низ улиците на Сан Франциско.
Специјалистот за роботски автомобили на американскиот концерн General Motors, уште во текот на годинава ќе ги пушти првите автомобили без т.н. безбедносен возач зад воланот по улиците на Сан Франциско. Со тој чекор, Cruise ќе биде првата компанија од оваа сфера што ќе користи автоматизирани возила во хаотичен сообраќај на една метропола, без возач зад воланот. Cruise веќе неколку години тестира во калифорнискиот град со возен парк од модифицирани примероци од електричниот модел Chevrolet Bolt.
Waymo, посестринска компанија на Google, како и специјалистот за роботизирани возила Zoox, што сега е дел од Amazon, претходно обезбедија лиценци да ја тестираат технологијата користејќи автомобили без возач зад воланот. Во предградие на Феникс во Аризона, Waymo веќе има пуштено такси со роботски автомобили и уште пред Cruise најави дека нејзините возила наскоро ќе почнат без возач да превезуваат патници. Сообраќајните услови во градот Феникс, исто како и климата, сепак многу повеќе одговараат за роботските возила, отколку што тоа е случај во Сан Франциско.
Cruise уште лани планираше да започне со своето роботско такси, меѓутоа планот тогаш се одложи на неодредено време.
>>> Роботски автомобил доставува лекови во Хјустон

















