за

Зошто толку ни поцрнеа автомобилите?

Нашите автомобили не се тие што поцрнеа, туку уличната слика ни поцрне. Кога ќе се погледне пошироката слика, се забележува промената.

Македонските бои на автомобилите се тие на коишто е навикнато нашето око во секојдневието. Автомобилите на татковците, на вујковците и на згодните сосетки, ги помниме дека биле бели и во светли нијанси, можеби во поново време сребрени, во многу ретки случаи небесно сини, металик. Но, денешните автомобили ни се многу црни.

Кога деновите се темни, под облаци и врнежливи, тоа можеби и не се забележува толку. Меѓутоа, кога овој мај еден ден ќе доизврне, нешто по улиците во нашите градови и по стокилометарските автопатишта пак ќе почне да ни запнува за око. Тоа се забележува кога е сончево, како што сме навикнати во оваа наша убава земја со лоши вести.

Зошто одеднаш толку црни автомобили во метежот на битпазар, на семафор, под прозорец, на паркиралиштата? Затоа што тие црни автомобили не се нашите. Тоа се автомобилите со коишто пред триесетина години се возеа германските и швајцарските директори, инженери, лекари, менаџери на светски корпорации.

Но, откако Европа почна да се освестува дека е поважно животната средина да се одржува чиста, тивка и вечна, тие големи лимузини со големи мотори и голема емисија, одеднаш почнаа да се натрупуваат по автоплацевите по германските села – сé додека не им се најде вистинска занимација на нашите „источни соседи од Западот“, кои се најдоа во важна историска задача, плацевите од германските села да ги префрлат во нивната земја. Оттаму, отпадот се прелеа тука.

Тоа е веќе друга насока. Причината, зошто толку ни зацрне уличната слика е во сонцето. Во Германија, сонцето не свети секогаш толку силно како во Македонија. Затоа и не е толку неприродно кога црните лимузини крстосуваат по тамошните улици и аутобани. Во градското сивило со жолти реклами, прилега авотмобилите да бидат црни. Меѓутоа, во нашата најубава Македонија, црното е покажува многу несоодветно.

Уште една практична причина, односно вистинската причина зошто во Македонија отсекогаш се избирале светли бои за автомобилите, секако е сонцето – црна боја на 40 степени, додава дополнителна врелина; Меѓутоа, предизвикот да се седне во голема директорска лимузина секогаш е понапред од разумот

Уште една причина зошто кај нас толку се забележуваат црните луксузни лимузини од пред триесет години е калта. Додека во Германија може да се вози со недели и автомобилот уште да биде чист како вчера да е измиен, тукашниве црношофери забораваат дека возат отмена боја и напорно им е секој ден да плаќаат по сто денари за да ја пуштат лимузината под туш. И многу кал има реално, по подрачјата од коишто ни пристигаат тие велелепни машини од 1990-те. Има и многу прашина, има и паркирање по земја, затоа што владее хроничен недостиг од простор за паркинг.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Многу е поубаво за око, кога ќе се видат „нашите“ матични автомобили, градски модели од типот на Пунто и Поло, бели, кремави, сребрени, светлосини. Нашето сонце ги сака тие бои.

Во продолжение на мислата, погледнете ги на нашиот канал на јутјуб автомобилите што ни пристигнаа на тест во последниве месеци. Сé се бели.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франција ќе дава субвенции само за електрични автомобили од Европа

Mercedes за достава на нарачки вози на струја