Citroen C5 Aircross ја имаше својата премиера во 2017 година и во оваа генерација ќе се произведува во 2025 година. Наследникот ќе ја користи новата платформа STLA Medium, којашто е проектирана првенствено за батериски електричен погон. Моторите со внатрешно согорување остануваат во гамата.
Концернот Stellantis ќе вложи 160 милиони евра, за фабриката во Рен, во западна Франција, да ја подготви за производсtво на следната генерација на компактниот СУВ-модел C5 Aircross. Продажбата на моделот што е планирано да стартува во 2025 година, главно ќе ја сочинува батериската електрична изведба.
Концернот ќе посвети најголем дел од инвестицијата во погонот за монтажа на батерии, како и во леење пластика под притисок. Во леарницата ќе се изработуваат комплетни предни и задни модули за возилата. Новата платформа STLA Medium, што ќе је користи идниот Citroen C5 Aircross, наменета е за сите марки на концернот. Во моментов во Stellantis уште се користат по две различни платформи за сличните модели од одделните марки, односно една платформа од Fiat Chrysler, а друга платформа на PSA.
Автомобилот што се развива под кодната ознака CR3, доаѓа на местото на C5 Aircross, којшто се нуди во бензинска, дизел и приклучна хибридна изведба. Stellantis во ноември 2021 објави дека ќе вложи 152 милиони евра во фабриката, со цел да го зголеми производството на електрични возила во Франција.
Планот на концернот Stellantis е по 2030 година да се продаваат само батериски електрични автомобили во Европа.
Запрашан дали новиот модел ќе биде достапен и во други погонски изведби, освен во изведба со целосно електричен погон, извршниот директор Карлос Тавареш изјави во четвртокот: „Во принцип, да“. Платформата STLA Medium дозволува и користење на класични мотори со внатрешно согорување.
Во фабриката во Рен работат околу 2.300 лица и во минатата година беа произведени околу 73.000 возила.

Во моментов во Рен се произведуваат Citroen C5 Aircross и СУВ-седумседот Peugeot 5008. Двата модели почнаа да се произведуваат во 2017 година. C5 Aircross е достапен и како приклучен хибрид, додека Peugeot 5008 не се нуди во изведба со електромотор во погонот.
Peugeot ќе го замени својот 5008 во следните 18 месеци. Пред него ќе стартува новата генерација на компактниот СУВ-модел 3008. Наследникот на 5008 ќе се произведува во фабриката на Stellantis во Сошо, во источна Франција, заедно со 3008.
Фабриката во Рен датира од 1960 година и изградена е од Citroen. Производството на моделите на Peugeot се придружи во 2000-те години, вклучувајќи ги 407, 508 и 5008, којшто стартуваше во 2017 година. Годишниот капацитет изнесува 100.000 возила.