за

Citroen е на свој терен на саемот CES во Лас Вегас

Најголемиот саем на електроника во светот е сосем погодна средина за Citroen да ги прикаже своите гледишта за иднината, но и за сегашноста.

Citroen деновиве изложува во Лас Вегас две возила што се невообичаени за автомобилската цена, но совршено се вклопуваат во најголемиот саем за електроника, технологија и иновација. Едното возило е електричен четирицикл Ami, додека второто возило повеќе личи на плочка и чека каросериска надградба за да ја покаже големината на идејата.

Тоа што на друг саем веројатно би било одминато и посетителите би помислиле дека излагачот уште го нема довршено експонатот, љубителите на техниологијата го познаваат веќе извесно време како Citroen Skate и секако дека му се одушевуваат. Во Лас Вегас, на саемот за електроника и технологија CES 2022, оваа генијална идеја на Французите секако дека привлекува посебно внимание.

Второто возило на штандот на Citroen во престолнината на игрите на среќа, исто така е добро познато на европската сцена, а носи и име што им значи многу на љубителите на марката. Тоа е Citroen Ami, лесен електричен четирицикл со достапна цена и со одлична продажба на неколкуте пазари во Европа на коишто е достапен моментно.

Директорот на Citroen, Винсент Кобе, објаснува колку се важни двете возила на CES за иднината на мобилноста: „Движењето е составен дел од нашиот друштвен и професионален живот, до тој степен што целата средина е заснована врз транспортот. Клучно е сега да се подготвиме за потребите за мобилност во иднината“. Според главниот менаџер на француската марка, концептот Citroën Autonomous Mobility Vision може „од корен да ја смени мрежата од патишта во градовите, со тоа што ќе ја направи заедничка, електрична, автономна и вмрежена“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Додека Skate е „плочка“ што во себе содржи изобилство од најнапредна технологија, но бара малку повеќе имагинација да се разбере генијалноста на концептот, Citroen Ami е возило што уште денес е по улиците ширум Европа. Од почетокот на продажбата во средината на 2020, досега се испорачани повеќе од 14.000 примероци од Citroen Ami. Малечкиот четирицикл создаде нов сегмент меѓу возилата со две тркала и автомобилите.

Citroen Skate е интелигентниот погон за кабините со најразлична функција и намена што компаниите можат да ја придружат на концептот на Французите – концептот е сложено организиран, но функционирањето е едноставно

„Skate“ е основа на системот за мобилност што Citroen го замислува за градовите во иднината. Тој содржи сé што му е потребно за секаква форма на превоз и транспорт, почнувајќи од електричниот погон, преку способноста за автономно движење, до целосното вмрежување. Пример за функционирањето: Некој хотел сака да им понуди посебна услуга на своите гости и користи т.н. подови (pods). Во конкретниот случај, подот е кабина што служи за комотен превоз и им стои на располагање на гостите во хотелот, паркирана пред него. Тој под, односно таа кабина, нема погон. Тука стапува на дело „Skate“. Кога корисникот ќе побара превоз, на пример до аеродром, некој од блиските и слободни Citroen Skate пристига до кабината пред хотелот, се вовлекува под неа, и движејќи се по резервирана лента за јавен превоз ја пренесува кабината со своите патници до одредиштето.

Тоа е само основната замисла, којашто понагаму може да има најразлични сценарија и реализации. Нема возач, нема посредник, сé е директна комуникација меѓу корисникот и Citroen Skate. Прилично генијално. Целта е да се растовари метежот во градовите, да се подобри квалитетот на урбаниот живот и секако да се намали и загадувањето. Целата идеја се заокружува со цената, што е пониска во споредба со класични возило со технологија за автономно движење.

Целата моделска понуда на Citroen на македонскиот пазар, со технички податоци, опрема и цени за секој модел, можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot презеде кадар од Renault-Nissan да раководи со маркетингот

Kia Sportage vozenje

Kia Sportage мина уште еден месец во лидерство на македонскиот пазар