Прв е Ц3, втор е Ц3 Еркрос, трет Ц5 Еркрос, тоа е редоследот на најпродаваните модели на Ситроен според последната, октомвриската статистика, за продажбата на европскиот пазар. Тој успех се повторува и на македонскиот пазар, Ц3 веќе надмина 200 примероци уште пред да заврши годинава, а одлично напредува и неговата СУВ-изведба. Ц5 Екрос сега доаѓа во сегментот каде што има силни соперници, Киа Спортаж и Хјундаи Тусон. Шансите му се одлични.
Сé е различно, само името остана. Во споредба со претходниот модел, новиот Ситроен Ц5 Еркрос донесува нов стил и нова техника. Тоа што исто така не се смени, денес претставува реткост на автомобилскиот пазар, цената. Токму таа формула им донесе успех на претходничките на Ц5 Еркрос, на Ц3 и на неговата СУВ-изведба Ц3 Еркрос.
Цената не само што не го надмина прагот, останат од претходниот модел, туку и очигледно е дека се добива повеќе, и во опремата и во технологијата. Ако досега постоеше резерва дека Ситроен ќе го повтори впечатливиот успех на „тројките“ со големиот Еркрос, цените што ги објави македонскиот увозник навестуваат дека маркава ќе продолжи со пазарниот поход и во сегментот каде што постои силна борба, и за купувачи, и за имиџ.
Ценовникот за новиот Ситроен Ц5 Еркрос на македонскиот пазар стартува од 29.990 евра и со тоа го побива дури и прагот, што обично се очекува да го постави романската Дачиа, како буџет марка. Нивниот Бигстер, со споредлива моќност и опременост, според објавениот ценовник чини 32.890 евра за изведбата Бигстер Хибрид 155 Експрешн – иако Романците продаваат полн хибрид, а тука работи благ хибрид, разликата во погонот не е пропорцинална со цената. Тоа укажува на вистинската противвредност, што по Ц3 и Ц3 Еркрос, Французите сега ја нудат и во класата на компактни СУВ.
Пореална е споредбата со Спортаж и Тусон, исто како и со Пежо 3008 и Опел Грандленд, со коишто ја дели платформата, но пак останува предимството на Ц5 Еркрос.
Во поглед на техниката, новиот Ц5 Еркрос користи сосем различна платформа од претходничката, односно тоа е ТНГА-платформата, што дозволува од неа да се изведуваат и изведби со бензински мотори и со чисто електричен погон. Засега гамата се состои од 1,2-литарски бензинец со турбонатполнење и 145 КС, во комбинација со 6-степен автоматски менувач со двојна спојка, и од електрична изведба со 195, 210 или 230 КС, со различен досег, што не се нуди на македонскиот пазар.
Првиот салонски примерок во Автонова во Скопје
View this post on Instagram
Должината порасна за 15 сантиметри (4,64 метри) во споредба со претходничката, ширината порасна за околу сантиметар, исто и висината. Во меѓуоскиното растојание има екстра 6 сантиметри, што јасно се огледува во зголемениот простор за нозе на задната клупа.
Багажникот е незначително помал, со 565 место 580 литри, но со соборена клупа има околу 50 литри повеќе, што пак укажува дека кабината е попросторна. Тежината е зголемена за дваесетина килограми.
Забрзувањето до темпо сто трае 11,2 секунди, што е за секунда подолго од порано, но тоа очигледно произлегува од продолжениот преносен однос (истото се покажа на тестот на Ц3 Еркрос), што води кон пониска потрошувачка и пониско ниво на вртежи при патување по автопат. Тоа го покажуваат и фабричките мерења: порано 6,7 литри по автопат, 6,1 литри сега, и просек 5,4 литри, за три децилитри помалку. Порасна и резервоарот на 55 литри, што значи дека до следното запирање има уште многу пат.
Функционалната и комфорна опрема се комплетни уште во појдовното ниво
Може да се избира меѓу трите ситроеновски нивоа на опременост, Ју, Плус и Макс. Заштитна боја е рубин црвената металик, што значи дека е бесплатна. Стандардната опременост во Ју содржи паркинг сензори назад, ЛЕД светла, автоматско долго светло, сензор за дожд, дигитални инструменти од 10 инчи и исправен средишен дисплеј од 13 инчи, двозонски клима уред, волан обложен со вештачка кожа, потпирач за лакти напред, тркала од лесен метал од 18 инчи и звучно изолиран ветробран.
Во смисла на последново, на комфорот, секако дека кофорната суспензија и комфорните седишта, коишто се дел од Ситроен Адвансд Конфор, тука следуваат стандардно. Од возните и безбедносни функционалности, тука е електрична паркирна сопирачка, рачки за менување степени на волан, камера за знаци – и тоа што ни стана важно и на нашите градски улици, темпомат со ограничување на брзината.
Во нивото Плус, што чни 2.500 евра над Ју, доаѓаат уште задна камера, светло во ретровизорите, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, приклучоци УСБ назад, поскапо платно на седиштата, облога на арматурна табла со посебен материјал, слабинско местење на возачко седиште, потпирач за раце назад, амбиентално светло, тркала од 19 инчи, затемнети стакла назад, електрика за врата на багажник и уште бројни ставки.
Врвот ѝ припаѓа на Макс, со приспособлив темпомат, предупредување за возило во мртов агол, следење лента, автматско престројување, камера во 360 степени, матрични предни светла, проекциски дисплеј, греење на волан, посебна филтрација на воздухот во кабината, електрика за возачко седиште и алу-педали.
Меѓу малкуте опции што не се опфатени во пакетите на опрема, спаѓаат греење на ветробран (360 евра), стаклен покрив (1.550 евра), седишта во еко-кожа, со вентилација, масажа, меморија (1.550 евра) и отстранлива влечна кука (990 евра).
Конкурентите на Ц5 Еркрос што се во понуда на македонскиот пазар: Еолус Хјуџ, БАИЦ Икс 55, Дачиа Бигстер, Фортинг Т5, ДФСК 600, Форд Куга, Хјундаи Тусон, Џип Компас, Киа Спортаж, МГ ЗС, Нисан Кашкај, Опел Грандленд, Пежо 3008, Рено Аустрал, Шкода Карок, Тојота Корола Крос, Фолксваген Т-Рок.
















