Откако Cadillac го претстави својот прв електричен автомобил Lyriq лани, марката што некогаш беше синоним за џиновски мотори V8 и тежок хром регистрираше повеќе од 200.000 лица што бараа да добијат повеќе информации за возилото и за нејзината електрична иднина.
Отворањето на резервациите за првата серија што ќе се произведе од електричниот Cadillac Lyriq, воедно претставува и појдовна точка на патот по којшто Cadillac ќе прерасне во водечка луксузна марка што ќе нуди единствено автомобили со погон на струја. Во таков тон се изјавите од менаџментот во Детроит, откако американските возачки и возачи покажаа масовен интерес за електричното возило на Cadillac.
Целата планирана серија со којашто се одбележува важниот момент во историјата на марката со култни и звучни моделски имиња, како Eldorado или De Ville, беше распродадена за само 10 минути.
Следните нарачки за електричниот автомобил на Cadillac ќе можат да се направат дури во текот на следното лето, преку дилерската мрежа на марката. „Со големо нетрпение чекам да ги соопштам следните вести за нашата идна понуда од електрични модели во текот на следната година“, изјави Рори Харви, потпретседател на глобалната мрежа на Cadillac.
That was fast.💨 Every all-electric 2023 #LYRIQ Debut Edition has now been reserved. To learn more about #LYRIQ visit https://t.co/zP3V2LbpCp pic.twitter.com/vOKU73bkMr
— Cadillac (@Cadillac) September 18, 2021
Cadillac Lyriq Debut Edition чини 59.990 долари. Погонската спрега ја сочинуваат електромотор со моќност од 255 kW (347 КС) и вртежен момент од 440 Nm, и батерија од 100,4 kWh, со којашто се постигнува досег од преку 300 милји, односно близу 500 километри. Петметарскиот СУВ подржува користење брзи полначи со моќност до 190 kW, што значи дека енергија за преку 300 km пат може да се наполни за половина час, односно со само 10 минути чекање на полнач може да се биде сигурен дека во батеријата ќе има енергија за најмалку уште 120 километри пат.