
Продажбата на автомобилите на Тесла лани беше во пад втора година по ред, така што титулата на најголем производител на електрични автомобили конечно ја презеде конкурентот Би Уај Ди, со голема предност во продажбата.
Во последното тромесечје, Тесла продала за 16 проценти помалку возила, односно вкупно 418.227 примероци, стои во соопштението објавено на 2-ри јануари. Тоа е помалку отколку што предвидуваа експертите на Блумберг, па е дури и под уште попесимистичките очекувања со коишто компанијата излезе во почетокот на изминатата недела. На годишно ниво, продажбата е опадната за 8,6 проценти.
Наспроти тоа, Би Уај Ди, постигна раст во продажбата и во последното тромесечје, и во целата измината година, испорачувајќи близу 2,26 милиони возила, далеку повеќе од 1,64 милион возила на Тесла.
Голема заслуга за вкупниот раст од 28 проценти во продажбата на електрични возила на светскиот пазар, има токму брзиот пробив на Би Уај Ди во Европа, каде што кинескиот производител постојано ја зголемуваше предноста над својот соперник од САД.
Овие резултати будат сомнежи дека Тесла воопшто ќе успее да го стабилизира својот клучен бизнис во производството на автомобили, откако продажбата е во постојан пад во изминатите две години. Преценетата вредност на компанијата нема да ја спасат ниту амбициозните најавени проекти со роботи и автопилотирани возила.
Тесла лани се најде под силен удар во Северна Америка и во Европа, откако се појави силна конкуренција и поради политичките излети на Маск, со јасна поддршка на крајно десничарските струи, како и неговата улога на скусувач на трошоците во владата на Трамп, го нагризаа имиџот на компанијата.
Врз падот на продажбата на Тесла, од една страна влијаеше засилената конкуренција од кинеските производители, а од друга пробивот на европските производители на електрични автомобили, посебно концернот Фолксваген.
Инвеститорите не беа премногу вознемирени околу бледнеењето на улогата на Тесла на светскиот пазар на електрични автомобили и повеќе веруваа во ветувањата на извршниот директор Илон Маск во полињата на вештачката интелигенција и на автопилотираните возила. Маск го одвлече вниманието од основниот бизнис на Тесла и укажуваше дека по долги години постигнал голем напредок во подрачјето на роботски такси возила.
Во 2026 година се мали изгледите дека бизнисот ќе се прошири во таа насока, имајќи предвид дека се очекува голем пад во продажбата на електрични автомобили во САД, најголемиот пазар на Тесла.
Владата на Трамп ги укина погодностите за купувачите на електрични возила и ги ублажи законите со коишто се бараше значајно намалување на потрошувачката на гориво, а со тоа и на емисијата на штетни материи. Тесла заработуваше милијарди долари од тргувањето со кредити за емисија на ЦО2, за коишто плаќаа останатите производители на автомобили.
Тесла ќе изгуби милијарди со укинувањето на ЦО2-стандардите во САД
Волстрит подготвен го пречека сооштението за слабата добивка на Тесла во последниот квартал, по укинувањето на погодностите за електрични возила во САД. Експертите ценат дека високата вредност на акциите на Тесла во моментов се темели главно на очекувањата дека ќе се постигне реален напредок во светот на вештачката интелигенција.
Акциите на Тесла во Њујорк во петокот пораснаа за 0,9 процент, што донесе помала добивка од претходно. За цела 2025 година, вредноста на акциите порасна за 11 проценти, дури и покрај тоа што вредноста им опаѓаше шест денови во низа пред заклучувањето на годината.
Би Уај Ди во минатата година ја престигна Тесла, откако во 2024 година заостана со само неколку возила зад соперникот од САД. Иако кинескиот производител имаше испорачано повеќе возила од Тесла во последното тромесечје лани, Тесла остана во мало водство на годишно ниво. Покрај тоа, Био Уај Ди во последните две години продаваше по повеќе од 2 милиони возила со приклучен хибриден погон годишно.
Трка на Кинезите за Европа: Би Уај Ди го достаса МГ, зголемувајќи ја продажбата двојно
На Волстрит сé помали се очекувањата за продажбата на Тесла во 2026 година. Пред две години, аналитичарите предвидуваа дека Тесла ќе продаде преку 3 милиони возила. Оттогаш, просекот е паднат на околу 1,8 милион.
Опаднатата продажба на Тесла во 4-от квартал следи откако во претходниот квартал се случи навалица по електрични автомобили во САД, за купувачите да ги искористат поволностите што државата им ги овозможуваше до завршетокот на септември. По укинувањето на даночното ослободување во висина од 7.500 долари, следеше голем пад во продажбата.
Би Уај Ди продава одлично ширум светот
Би Уај Ди соопштија дека продажбата надвор од Кина во 2025 година пораснала на рекордни 1 милион возила, што е за преку 150% повеќе отколку во 2024 година. Компанијата наведе дека за 2026 година има цел да продаде 1,6 милион возила надвор од Кина, без притоа да ја наведе вкупната продажба што ја планира за годинава.
Тесла во октомври пушти осиромашени изведби од своите модели Ипсилон и 3, под името Стандард и со цена 5.000 долари под дотогашните основни модели. Тоа беше обид да се привлечат повеќе купувачи, по губењето на даночните поволности во САД, но и да освојат купувачи во Европа, коишто бараат поевтини возила.
Овој чекор ги разочара инвеститорите, коишто очекуваа или поголемо скусување на цените или нов модел што ќе биде наменет за поширокиот пазар.















