за

Кинески БИД се подготвува да го преземе пазарот на Тесла Модел Ипсилон

БИД најавува светска премиера на моделот со којшто ќе му се спротивстави на Тесла Модел Ипсилон, најпродаваниот електричен автомобил во светот.

Морскиот лав на БИД, број 07: Дизајнерската скица е најава за светската премиера што следи по неколку денови.

Со новите дизајнерски скици, БИД го подготвува автомобилскиот свет за претстојната премиера на својот следен модел со електричен погон. Со новиот модел, кинескиот производител цели директно кон бестселерот на Тесла.

БИД е сериозен во намерата да ја нападне Тесла. Во почетокот на неделава, кинескиот производител објави дизајнерски скици од нов СУВ со електричен погон. Очигледно е дека БИД со новиот модел цели точно на Модел Ипсилон на американскиот соперник Тесла.

Како што веќе на големо најавуваат медиумите во Кина, до светската премиера остануваат уште неколку денови. Моделот ќе биде прикажан за првпат на 17-ти ноември, во рамките на Гуанжу Ауто Шоу.

Според објавите, моделот со име Си Лајон 07, односно „морски лав“, во почетокот ќе се продава само во Кина. Како основа служи платформата 3.0. Моделот е дел од таканаречената серија Океан на кинескиот производител. Како најава послужи концептот Океан-Икс.

Дизајнот е дело на Волфганг Егер, кој својата кариера ја има добро испечено во Алфа Ромео, Сеат, Ланчиа, Ауди, па и во Ламборгини.

Дали соперникот за Модел Ипсилон ќе пристигне во Европа?

Кинеските медиуми не наведуваат подробности за новиот модел на БИД. Порталот „Кар Њуз Кина“ претпоставува дека цената за основниот модел ќе изнесува 190.000 јуани. Тоа одговара на близу 25.000 евра.

Според тоа, новиот модел со цената ќе биде поставен под новиот БИД Сонг Л. Првично било планирано електричниот СУВ да почне со продажба веќе во 2022 година, меѓутоа планот бил одложен од непознати причини.

Уште не е познато дали „морскиот лав“ број 07 ќе се извезува од Кина во Европа. Имајќи предвид колкав успех постигнува Тесла Модел Ипсилон ширум Европа, би било чудно доколку БИД не го понуди својот новитет и на европскиот пазар, да му се спротивстави на Модел Ипсилон. Неодамна и германскиот неделник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ објави дека БИД веќе има одлучено својата прва фабрика во Европа да ја гради во Унгарија.

Сé повеќе возила се испраќаат за извоз

БИД е на добар пат да го преземе од Тесла насловот на најголем производител на електрични автомобили во светот. Во првите три квартали од годинава, Тесла има продадено 1,32 милион возила. БИД во истиот период дојде до 1,1 милион електрични возила. Предноста на производителот од САД се топи: Во последното тромесечје, Тесла продаде само 3.456 електрични возила повеќе од БИД.

Кинескиот предизвикувач во октомври има продадено 301.833 т.н. новоенергетски возила – што подразбира батериски електрични, но и приклучни хибридни возила. Тоа е историски рекорд за компанијата.

Главнината од продажбата отпаѓа на домашниот пазар, но сé повеќе возила заминуваат за извоз. Во вториот квартал, БИД извезе 5 проценти од вкупната продажба, додека во третиот квартал, уделот порасна на 9 проценти. Конкуренцијата има причина да биде загрижена.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Директорите во Мерцедес добиваат службени електрични автомобили

Новата Мерцедес Е-Класа пречекана со сите почести