
Производството на малечкиот автомобил со целосно електричен погон ќе започне кон завршетокот на годината во новата фабрика во Сегедин, во јужна Унгарија. Тоа на 8-ми септември го потврди потпретседателката на Би Уај Ди, Стела Ли, пред новинарите на салонот ИАА во Минхен.
Произведувајќи го автомобилот во Европа, Би Уај Ди ќе ги избегне високите царини што ЕУ им ги одреди на електричните автомбоили што се увезуваат од Кина. Електричните возила што Би Уај Ди ги увезува од своите кинески фабрики, во моментов подлежат на царинска стапка во висина од 27 проценти, наспроти 10 проценти пред покачувањето на царинската стапка.
Би Уај Ди во јуни се приклучи во сегментот на малечки електрични автомобили што расте брзо, со технолошки напредниот и попросторен модел од Сигал, којшто е најпродаван модел на компанијата во Кина.
Долфин Сурф е 210 милиметри подолг од Сигал и напаѓа во сегментот каде што спаѓаат уште Рено 5, Пежо е-208 и Ситроен е-Ц3. Наскоро на овој сегмент ќе му се придружат Фиат Гранде Панда и Фолксваген ИД Крос.
Долфин Сурф на германскиот пазар почнува од 22.900 евра. Стела Ли соопшти дека моделот ги освоил највисоките можни пет ѕвезди на краш-тестот на Еуро НКАП.
Продажбата на малечки електрични автомобили во првите седум месеци се зголеми повеќе од двојно и достигна 92.736 возила, покажуваат податоците од Датафорс. За тоа време, Би Уај Ди продаде 4.048 увезени примероци од Долфин Сурф.
Производителите се тркаат да пуштат во продажба подостапни батериски електрични автомобили, целејќи кон категориите под 25.000 и под 20.000 евра. Во моментов само два модели на Стелантис ги имаат постигнато тие цели, Ситроен е-Ц3 и Опел Корса Електрик.
Видеото од тестот на Донгфенг Бокс, најдостапниот електричен автомобил во Македонија
Во текот на годинава се очекува да стартува уште подостапна изведба на Ситроен е-Ц3, со цена под 20.000 евра. Според вебсајтот на Липмотор Интернационал, кинескиот партнер на концернот Стелантис, моделот Т03 чини под 18.000 евра на францускиот пазар.















