за

БИД ќе испорачува батерии за електричните модели на Ауди за Кина

Ауди во иднина ќе набавува батерии од кинескиот автомобилски гигант БИД.

Електричниот СУВ-модел Ауди Ку6 е-трон на ИАА 2023. Во Кина ќе се продава различна изведба, што воедно и ќе се произведува локално.

Ауди и БИД на европскиот пазар си конкурираат во продажбата на електрични автомобили. Во Кина, пак, БИД ќе му биде добавувач на батерии на Ауди.

Уште еден соперник ќе помага Ауди да го раздвижи бизнисот во Кина. По технолошката соработка со концернот САИЦ, за развој на идните електрични лимузини на Ауди, кинескиот автомобилски гигант БИД ја доби задачата да испорачува батериски ќелии за кинеските изведби на Ку6 е-трон и А6 е-трон.

Кон завршетокот на 2024 година, Ауди ќе започне со производство на посебните изведби на Ку6 е-трон и А6 е-трон за кинескиот пазар, во новата фабрика во Чангчун.

Од Инголштат одговорија на прашањето од германскиот индустриски гласник Аутомобилвохе: „Компонентите за батериите за моделите ППЕ што се посебно наменети за Кина, ќе ги набавуваме од БИД и КАТЛ.“

Баварскиот производител со тоа ги потврди објавите на локалните медиуми. Кинескиот автомобилски гигант БИД, со кого што Ауди во иднина ќе води жестока борба за освојување што е можно поголем дел од пазарот на електрични автомобили во компакт класата во Европа, ќе биде добавувач на батерии литиум-железо-фосфат за новите модели на Ауди за Кина.

Ауди го образложува овој потег: „Преку партнерствата со БИД и КАТЛ, Ауди продолжува со локализацијата и со тоа во исто време се осигуруваме, дека на нашите клиенти ќе можеме да им понудиме премиум производи од највисок квалитет, според глобалните стандарди за квалитет на Ауди.

Моделите што Ауди ќе ги произведува во новата фабрика во Чангчун, ќе добиваат батерии од локалната фабрика и тие модели ќе се продаваат само на кинескиот пзар. Ауди во Европа досега нема потпишано договор за снабдување со батерии од БИД.

Кинескиот производител што постигнува рекорден раст во продажбата, гради фабрика за батерии недалеку од новата фабрика на Ауди, со планиран капацитет од 45 киловатчасови годишно. Тоа е доволно за 600.000 електрични автомобили да се снабдуваат со батерии секоја година. Кон завршетокот на 2024 година, фабриката веќе ќе има достигнато капацитет од 15 гигаватчасови.

По КАТЛ, БИД е втор најголем производител на батерии во Кина. Компанијата во моментов вградува 95 проценти од продукцијата на батерии во сопствените електрични автомобили.

Ауди е првиот надворешен клиент na БИД од премиум сегментот. Тоа од една страна обезбедува соодветен квалитет за настап на предизвикувачкиот кинески пазар, но од друга страна ја зголемува опасноста за Ауди да стане зависен од други фактори во својот синџир на набавки.

Во меѓувреме, брзо напредува изградбата на новата фабрика на Ауди во Чангчун. Сериското производство на двата нови модели врз платформата ППЕ се очекува да започне кон завршетокот на 2024 година.

Ауди во летото 2022 постави темели за проектот што покрива 154 хектари, во соработка со ФАВ. Планираниот полн производствен капацитет изнесува 150.000 возила годишно. Моделите што се планирани заедно со САИЦ, сепак нема да се произведуваат во Чангчун. Во новата фабрика на Ауди во почетокот ќе се произведуваат исклучиво моделите Ку6 е-трон и А6 е-трон, што се констурирани врз новата платформа ППЕ.

Го следите нашиот видео канал на YouTube?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

СУВ-моделите продолжуваат да владеат, Фолксваген и Лексус со најголем раст

Јагуар Ф-Тајп одликуван од читателите на Шпорт Ауто