Метежот во сообраќајот што се чувствува секојдневно, и тоа не само на улиците на Скопје, не се должи на воведувањето на Безбеден град, како што во почетокот се критикуваше на друштвените мрежи, туку е резултат од огромниот раст во бројот на возила.
Додека во 2014 година, четири години по укинувањето на секакви законитости при увозот на користени возила, што понатаму предизвика последици што денес ги чувствуваме на сите страни, во Македонија биле регистрирани 371.449 патнички автомобили.
Десет години подоцна, на патиштата низ државата сообраќаат 580.210 автомобили.
Еден кус поглед во државната статистика според последните објавени податоци, за 2024 година, дава интересна слика за бројот на возила посебно по општини. Жителите на секоја општина, посебно во помалите места, ќе добијат многу поверна претстава за промените во возниот парк што се случуваа во изминатите години.
Според Заводот, најмногу патнички автомобили се регистрирани на територијата на општина Аеродром, каде што во 2024 година имало 29.691 автомобили. Не заостанува многу Центар, со 29.507 автомобили.
Трета на листата е Битола, со 28.523 патнички возила. Листата завршува со Лозово, со 535 возила и со Зрновци, со 479 возила, наспроти 371, односно 289 возила соодветно.
Најголем раст има во Демир Капија, каде што возниот парк во 2024 година броел 924 возила, што е 140% повеќе во споредба со 2014 година, кога имало 385 патнички возила. Броојот на возила се зголемил преку двапати и во Чучер Сандево, Долнени, Студеничани, Чашка и Арачиново.
Наспроти тоа, во Центар, покрај проблемите со паркирањето, но и предноста што „сé е тука“, возниот парк се зголемил за само 35 проценти, исто како и во Гази Баба.
















