На Гренланд не сакате да бидете дилер на автомобили

Спротивно од сонот на Трамп, во Гренланд се возат главно јапонски возила, а по патиштата е дозволено најмногу 60 километри на час. Во тој студ, сé помасовно се посега по електрични автомобили, но и земјата помага во таа насока.

Во земјата што стана главна вест, откако Трамп пројави желба за неа, владее посебен автомобилски свет. Во секој поглед; Слика: Image by wirestock on Freepik

На Гренланд почнаа да доаѓаат сé повеќе туристи, откако Трамп се јави да си го присвои островот, што опстојува како самостојна земја во кралството Данска. Тој смрзат крај што ѝ припаѓа на Европа е посебен во бројни подрачја, но тука е прашањето, како функционира автомобилскиот свет во земјата.

Гренланѓаните немаат потреба да користат автомобил, меѓутоа на островот пак постојат неколку дилери. Продажбата денес се сведува главно на електрични автомобили.

Иако располага со површина што одговара на една четвртина од територијата на САД, на островот има помалку патишта отколку во поголемо село на континентална почва. Луѓето патуваат главно со траект, често се користат авиони, а во зимските месеци, нормално дека служат санки влечени од кучиња.

Најдолгата асфалтирана делница во главниот град Нук може да се мине за два часа преку сила, пеш. Но, автомобилите пак се неизоставни. На температура од 30 степени под нула, деца не се носат пеш наутро во градинка. Покрај тоа, ловот на дивеч и натаму е важен за обезбедување храна на островот. Ирвас што тежи 200 килограми, мора некако да се донесе дома.

Целиот возен парк на Гренланд брои околу 15.000 возила

При потреба од итен превоз до болница, на располагање стои хеликоптер, а за да се посети стоматолог до малкуте градови, авионскиот билет го плаќа владата. Тоа не значи дека автомобилите им се туѓи на малубројните луѓе во големата земја. Годишно се продаваат околу петстотини автомобили, за што се задолжени десетина дилери.

Според статистиката, во 2024 година, возниот парк во Гренланд броел околу 15.000 возила, што е слично со бројот на возила што кај нас носи велешки регистерски ознаки (16.251 во 2024 година). Во таа бројка се вклучени 106 автобуси, 149 такси возила, 226 возила за итна помош и 1.700 камиони. Со близу 60.000 жители, земјата брои помалку од 7.000 патнички автомобили. Тоа одговара на годишната продажба на нови автомобили во Македонија.

Луѓето веројатно би сакале да имаат повеќе возила, но државата става високи царини. За автомобил што чини до 50.000 дански круни, а тоа одговара на 7.000 евра, царината изнесува фиксно 50.000 круни. За поскапи автомобили, царината е 100 проценти.

За приклучни хибриди и електрични возила не се плаќа царина

За товарни возила се наплаќаат 50% царина, но не помалку од 50.000 круни. Сепак постои исклучок. Електричните и хибридните автомобили се ослободени од царина. Затоа не изненадува што во изминатите години се купуваат главно електрични возила. На голем број куќи се наоѓаат домашни полначи за електрични возила, а бројот на станици за полнење веќе извесно време е поголем од бројот на станици за точење гориво.

Тоа што досегот се скусува при екстремно ниски температури не ги загрижува луѓето. Се вози само неколку километри до одредиштето.

Не е дозволено да се вози побрзо 60 километри на час

За полагање за возачка дозвола во Нук, постојат 4 автошколи. Во условите на сообраќај што владеат во земјата, полагањето сепак не е предизвик. И брзината е ограничена на најмногу 60 км/ч. Целата обука чини 1.000 евра, што е мошне достапно.

Иако претседателот на САД, Доналд Трамп, се понадева дека народот ќе се одушеви од идејата Гренланд да се припои, возниот парк воопшто не укажува дека луѓето имаат посебна наклоност кон САД. Се возат главно СУВ-модели на Мицубиши, Тојота и Субару.

Во минатото, на Гренланд често се гледале Фолксвагени. Тоа е во времето пред 2000-те, кога германскиот производител имаше патека за тестирање. Центарот на Фолксваген одамна е затворен, меѓутоа останат е макадамскиот пат долг 35 километри, што води од аеродромот во Кангерлусуак до тест-патеката. Тоа е воедно и најдолгиот пат во земјата. Во минатата година, првпат е пуштен пат што спојува два градови, долг 140 километри, но по тој пат засега е дозволено да се движат само квадрицикли.

Претходна објаваПежо Полигон Концепт гостуваше во Виена, го навестува изгледот на идниот 208
Следна објаваКои општини во Македонија имаат најмногу автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here