Bosch најде евтино решение за намалување на количината на азотни оксиди кај возилата со дизел мотор. Според шефот на концернот, Др. Фолкмар Денер, „дизелот има иднина“. Тој очекува дека со новата техника конечно ќе заврши дебатата околу крајот на дизелот.
Револуционерната техника беше претставена при објавувањето на годишниот биланс на гигантот меѓу добавувачите на компоненти и еден од најголемите иноватори во браншата. Строгите гранични вредности за емисијата на азотни оксиди по 2020 година, повеќе не се проблем.
Новата техника не го поскапува дизелот, не ја зголемува ниту потрошувачката
Новата техника повеќе е еволуција, отколку револуција. Нема потреба од дополнителни компоненти во пречистувањето на издувните гасови, нема ниту поскапување. Станува збор за усовршување на постоечките решенија, како достигнување на инженерите на Bosch.
Европското законодавство уште од минатата година постави лимит, новите модели на автомобили, во комбиниран циклус според RDE да испуштаат до 168 милиграми азотни оксиди на километар. По 2020 година, границата се спушта на 120 милиграми.
Според тврдењата од Bosch, новата дизелска техника постигнува рекордно ниска вредност од 13 милиграми NOx на километар, при RDE циклусот (Real Driving Emisions или емисија во реално возење). Тоа е десетина од граничната вредност за 2020 година. Дури и при подинамично возење во град, вредностите кај тест-возилата не надминуваа просек од 40 милиграми по километар.
Триесетина влијателни новинари на автомобилската сцена учествуваа во тест-возењето по улиците во Штутгарт и се уверија во делотворноста на новата техника на Bosch
Техничката пресвртница им успеа на инженерите на Bosch пред само неколку месеци. Станува збор за комбинација од интелигентна техника на впрскување, модифициран систем за снабдување со воздух и интелигентен температурен менаџмент. Бидејќи мерките за намалување на азотните оксиди не предизвикуваат значајно зголемување на потрошувачката на гориво, не се зголемува ниту емисијата на СО2 на дизел моторите, а со тоа и производителите не ја губат шансата да ги исполнат строгите лимити за стакленичкиот гас.
Производителите на автомобили можат да почнат да ја вградуваат новата техника на Bosch, којашто се базира на постоечките компоненти.
[tie_slideshow]
[tie_slide]
Во што е „тајната“ на новата дизелска техника?
Два фактори досега беа критични за намалувањето на емисијата на азотни оксиди во дизел возилата. Едниот фактор е возачот. Bosch го поништи влијанието на возачот како фактор преку вградување на систем за снабдување на моторот со воздух, којшто реагира побрзо отколку досега. При подинамично возење, рециркулацијата на издувните гасови исто така мора да работи подинамично. Тоа меѓу другото се овозможува со турбополнач, којшто реагира побрзо. Со комбинирањето на рециркулација на издувни гасови со потпритисок и натпритисок, системот за снабдување со воздух станува пофлексибилен.
Кога возачот ќе забрза посилно, емисијата не се зголемува енормно. Влијание има и температурата. За оптимална конверзија на азотните оксиди, температурата на издувните гасови мора да биде повисока од 200 степени Целзиусови. Тоа е температура којашто речиси и не се постигнува при возењето во град. Системот старт-стоп исто така е „виновен“ за ладењето на издувниот систем. Поради тоа, Bosch користи интелигентен термоменаџмент на дизел моторот. Техниката активно управува со температурата на издувните гасови. Издувниот систем останува загреан и работи во стабилно температурно подрачје, емисијата останува ниска.
[/tie_slide]
[/tie_slideshow]
Шпанците се придружуваат во отсакувањето на дизелот
Дизел скандал и во BMW: Сервисен повик за 11.000 возила
Само третина од новите автомобили во Германија се дизели
Цените на дизелите десеткувани по забраните за сообраќај во Германија

















