за

BMW X7 успешно ги заврши тестовите за преживување

bmw x7 zavrsno testiranje

Луксузниот теренец на Баварците ги преживеа сите можни предизвици на мајката природа – и на по некој бездушен возач. BMW X7 стартува со претсериско производство и се подготвува за премиерата кон крајот на годинава

BMW против Range Rover. Тоа ќе биде новото жестоко соочување од самиот врв на автомобилската сцена, кога Баварците ќе го претстават BMW X7 кон крајот на годинава. Марката со сино-белиот знак првпат влегува во луксузниот сегмент на големите теренци. А, таму не се продаваат коњски сили и опрема, туку купувачите се привлекуваат со совршенство.

bmw x7 zavrsno testiranje

BMW X7 прво го гледавме зимоска, на тестирањата на работ на Поларниот Круг, по што следеа маратонски тури во пустински услови под жешкото сонце на спротивниот крај на светот, на југот на Африка. Тестирањата на прототипите продолжија во веројатно најтешките услови за возење во денешницата, во градски метеж, со запирање и поаѓање на секој еден метар.

Тестирање од една до друга крајност: Во класата на BMW X7 се продава совршенство, а тоа не се мери преку бројки или букви

Долготрајната и макотрпна серија тестирања заврши со фини дотерувања на подвозјето и погонската спрега, во природната средина на секој BMW, по кривулести патишта и брзи делници по автопат. Се возеше по секаков вид и квалитет на подлога, во сите можни временски услови, од една до друга крајност.

Во меѓувреме стартуваше претсериското производство на големиот SAV – според жаргонот на BMW, нивните теренци не се Sport Utility Vehicle, туку се Sport Activity Vehicle – во фабриката во Спартанбург. Во следните неколку месеци ќе се комплетира и нултата серија, за сé да биде подготвено за големиот момент кон крајот на годината.

Нема траги од тешка теренска работа во изгледот на BMW X7

Со должина од 5,2 метри, новиот BMW X7 е за триесетина сантиметри подолг од X5. Дизајнот се раководи според Concept X7 Performance, когошто го познаваме уште од ланскиот салон во Франкфурт, со масивните бубрези напред и тенките светла што директно се надоврзуваат на заштитниот знак на марката. Широки крила и заштитни плочи за подвозјето не се во игра во оваа класа. Големиот BMW повеќе сака да остави впечаток на благородник, отколку на теренски работник.

Понудата од погонски единици во почетокот ќе ја сочинуваат подновениот 4,4-литарски V8 со битурбо натполнење и 462 КС, и шестцилиндарскиот дизел со 320 КС. Верзија со плагин-хибриден погон веќе се подразбира. Со X7 практично се комплетира моделската понуда на BMW во луксузниот сегмент, заедно со „традиционалната“ серија 7 и гран-туризмото од новата серија 8, коешто исто така стартува со продажба кон крајот на годинава.

Посебност на големиот BMW ќе биде просторноста во кабината, на што укажуваше и стилот на концептниот автомобил од ИАА, со високите стакла и тенките кровни столбови. Во таква релаксирачка средина ќе работи и комплетно новиот дигитален кокпит, когошто BMW го води како „оперативен систем 7.0“.

Од техничките специјалитети на баварците ќе се вградуваат интегрално управување на сите тркала, пневматска амортизација и активни стабилизатори. Последниве ќе се погрижат X7 да вози како спортско купе по асфалт, но и да се пробива суверено во потешки теренски услови. Со двојните стакла и со најтемелна изолација, тоа ќе биде најтивкиот модел во понудата на минхенската марка.

Топ 10 Најскапи теренски автомобили

Луксузни теренци на местото на господските лимузини

Нарачките за Rolls-Royce Cullinan се полни до 2020 година

[FAG id=29621]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

SsangYong Musso Fuzz

Единственото што ѝ недостигаше на оваа марка беше амбасадор

аквапланинг сите совети

Аквапланинг: Кога, зошто, како, совети