Математика на БМВ-премиери во М Кар: 2 X 3 Х M 5

Колку значи БМВ Икс 3 за македонскиот пазар, во дел сведочи и подготовката за премиерата во М Кар: Бина поголема отколку на фестивал на македонска музика, цел ѕид бојадисан и испишан со Икс 3, моделка што прави човек да ја изуми причината за доаѓањето, и секако, двојка Икс 3 во истите бои како за светската премиера. Македонска премиера и за лимузината што е корен за марката од Минхен.

Напредокот кај новите генерации модели некогаш се покажуваше преку бројките. Автомобилите стануваа посилни и поголеми, со сé покус спринт и кај БМВ секогаш со некоја нова технологија што ветуваше нови 0,1 г во свијоци. Браншата веќе одамна ги има сменето нештата. Ако во претходните генерации не беше толку воочлив правецот по којшто тргаат да се развиваат новите модели, кај БМВ Икс 3 од генерацијата Г 45, тоа се гледа многу јасно.

На тестот на Икс 2 неодамна, во воведот беше спомнато дека на БМВ мора да им се верува. Кога тие во 1994 година го пуштија првиот Компакт од серијата 3, тоа беше зародиш на еден подем што го достигна тоа рамниште, Баварците денес да имаат 14 модели од компакт класата во својата понуда. Кога БМВ менува нешто, менува со причина.

Така беше веројатно и со форматот на бубрезите што со својата премиера во серијата 4 им се видоа преголеми на традиционалистите. Во меѓувреме, новиот БМВ Икс 3 нема ништо помали или помалку впечативи бубрези од купето од серијата 4, но одвај дека некој уште наоѓа повод да коментира за тоа. Сцената се научи на новиот изглед на БМВ. Дизајнот легна. Така денес изгледа БМВ.

Новиот Икс 3, појасно од кога било досега, го покажува правецот во којшто БМВ го движи дизајнот на својата марка. Надворешниот изглед станува сé помазен и со едноставни површини, а наспроти тоа растат препознатливите белези на марката и сé се сведува на светлата. Играта со светлината што ја прикажаа двата салонски примероци за македонското деби на СУВ-тројката – секако во сина и во беж боја, верно на логото на марката и на фотографиите на коишто Минхен првпат го покажа својот новитет пред светот – непогрешливо го идентификуваат новиот Икс 3.

Така се најавуваат ѕвездите кога се појавуваат пред публиката; Првиот збор на презентацијата го има Билјана Колемишевска, маркетинг и ПР во М Кар

Место како некогаш со хром и со дебели лакови, отменоста на БМВ Икс 3 денес се гледа во светлата, надвор, внатре, насекаде

Минхен не само што е горд на новата големина на маската, односно на „нирен“, бубрези на германски, туку и дополнително ја нагласува, со тотално негермански назив, ајконик глоу, за маската да биде обрабена со светлосна рамка. Тоа е стандард во врвната моделска изведба М 50, односно чини доплата од 460 евра според германскиот ценовник. Доколку се нарача М Шпорпакет Про, осветлената рамка на маската доаѓа во пакет со сопирачки клешти во црвена боја, предна маска и каросериски додатоци во сјајна црна боја, вклучувајќи и црна основа на светлата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Емотивниот дел се одвива речиси целосно во внатрешноста. Изработката, одбраните материјали, свежите детали, сето тоа покажува дека маркава уште се снаоѓа добро со својата премиум мисија. Интеракшн-барот, познат од сериите 7 и 5, тука е стандард, со тоа што се додава своевиден Хофмајстеркник-зафат во вратите.

Стандардната опременост е нестандардно богата

Секој примерок од Икс 3 излегува од фабрика со заоблен дисплеј што го сочинуваат дигитални инстурменти од 12,3 инчи и контролен дисплеј од 14,9 инчи, со оперативен систем БМВ ОС 9, навигација, поврзување со телефон, избор на програми на возење, интелигентен личен асистент, контролер, безжично полнење телефон, рачки за менување степени на воланот, комплет системи за асистенција, електрика за возачко седиште и меморија, спортски седишта – навистина убедува широкоградоста на сино-белата марка.

Од опции остануваат М Шпорт-пакетите, тркала со пречник до 21 инчи, новата дина-сива боја (960 евра во Германија) и останатите 10 бои, кожени седишта, лајсни од вистинска магнолија внатре (150 евра), Иновациски пакет (проекциски дисплеј, активен темпомат), Комфорен пакет (вентилација на седишта и др.), Премиум пакет (Харман Кардон, приспособливи светла), приспособливо подвозје и управување со променлив преносен однос, стаклен покрив.

„Со својата спортска привлечност, впечатлив дизајн и напредни техноглогии, новиот БМВ Икс 3 ја презема улогата на талентирано, сеопфатно возило за секојдневна употреба, слободни активности и удобни патувања. Новиот дизајнерски јазик на четвртата генерација на БМВ Икс 3 му дава импресивна надворешна појава и динамична грациозност. Висококвалитетните материјали, значително попространата стандардна спецификација, напредната дигитализација и новиот БМВ ајДрајв со Квик Селект, заснован врз БМВ Оперативен систем 9, го доловуваат премиум амбиентот во прогресивно дизајнираната кабина. Задоволството при возењето, безбедноста и удобноста на долги растојанија во новиот БМВ Икс 3, се должат на исклучително прецизното подесување на целокупната организација на автомобилот и широкиот избор на полуавтоматски системи за возење и паркирање“, изјави Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во компанијата М Кар.

Понудата од погонски изведби во моментов ја сочинуваат бензинец 20 иксДрајв (208 КС) и 20д иксДрајв (197 КС), плус топ модел М50 (398 КС) и модел со приклучен хибриден погон 30е иксДрајв (299 КС, 90 км на струја). На лето доаѓа уште шестцилиндарски дизел. Бензинецот во М Кар чини 70.890 евра.

Лимузината покриена со таинствен плашт за премиери сведочеше недвојбено дека М Кар има намера да одржи уште една премиера. Така и бидна, иако од завшетокот на опашот беше јасно дека тоа може да биде само серија 5, и само М5. Една дополнителна вратичка во предното лево крило е новина за оваа лимузина што е корен за марката. Таму е приклучокот за полнење на батеријата – оваа М5 е приклучен хибрид. Причината е во тоа што ЕУ од следната година уште толку ќе ги потстегне лимитите за емисија на ЦО2, што на спортските икони од овој ков не им останува друго, туку електрификација.

Сеедно колку има коњски сили и колку забрзува, овој М5 веројатно би претркал и болид во Ф1 во златните 1980-ти

Сé на овој автомобил зрачи со БМВ. Фановите наизуст ќе ги кажат основните, па и не само основните технички податоци, меѓутоа само како интонација: Мотор Ве-8 од 4,4 литри, моќност 585 КС плус електромотор од 197 КС што е вграден во 8-степениот менувач, погон на сите тркала, спринт до темпо 3,5 секунди – односно поразбирливо, спринт до темпо 200 за 10,9 секунди, а на сето тоа и можност осумдесетина километри да се извозат на струја.

Сите воспеви за М5 се слушнати, најдобро е тоа чудо да се посети во салон.

Претходна објаваДачиа Сандеро е најпродаваниот модел во Европа во октомври
Следна објаваРасте добивката на Џили, продажбата се движи кон 2 милиони

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here