БМВ Икс 2 · Тест · Двојката е голема бројка во БМВ

На БМВ мора да им се верува. Доколку Баварците немаа доволно храброст да ги менуваат нештата, денес не само што не ќе постоеше веројатно најпродаваниот премиум модел на македонската сцена, компактниот СУВ-модел Икс 1, туку не ќе постоеја ниту серијата 1, купето, ванот, гран купето и кабриолетот од серијата 2, Икс 1, па и Икс 2. Вкупно 14 варијации во компакт класата и 138 моделски изведби. Врвот ѝ припаѓа на Икс 2.

Кога се зборува за БМВ и за премиумот во БМВ, спомнувањето на историјата е неизбежно. Убава лимузина или СУВ од минхенската куќа не значи ништо, ако нема историја. А, таа почнува во 1994 година, барем делот што се однесува на денешните компакти. Баварците тогаш излегуваат на пазарот со сосем нова изведба на серијата 3, со компакт. Тоа е модел со 3 врати, што ѝ припаѓа на генерацијата Е36, стартувана со продажба четири години претходно, меѓутоа е направен да биде подостапен. Компактот е комблимузина со кус опаш, но тоа што е клучно за цената да биде пониска во споредба со лимузините од серијата 3, тоа е задната оска, што во основата потекнува од претходната генерација модели, од Е30, а истото важи и за кокпитот.

БМВ 316и компакт во март 1994 година има цена на германскиот пазар колку што денес вредат 18.662 евра. Настрана тоа, лимузината 316и во истата година во септември чини 20.298 евра. Намерата со тој чекор е марката уште малку да го прошири прагот и да ја отвори понудата за поширокиот круг купувачи. Секогаш постоела таква грижа во Минхен, последен таков пример беше 315 од генерацијата Е21 од 1981 година, со мотор со карбуратор од БМВ 1502.

Сцената го обожува компактот, иако во почетокот се јавува отпор кај традиционалистите – за нешто што е само добра волја на Минхен, да направи добро и да понуди подостапен модел од лимузините од Е30, што тогаш се тркаат на големо со Мерцедес 190 / Ц-Класа (В 202) и Ауди 80 / А4, и таа трка ги носи во астрономски висини за класата.

Икс 2 е знаменосецот во понудата од компактни модели на БМВ, ако се изземе купето од серијата 2 што ужива посебно место

Понатаму низ годините следи вртоглаво ширење на понудата. Овој Икс 2 е во втора генерација, со сосем различен дизајнерски говор во споредба со претходничката, но и со многу појасно место, како врв во понудата од компактни модели на БМВ.

Гамата кај него почнува со сДрајв 18и, со преден погон, со 1,5-литарски турбо со 136 КС и цена од 47.310 евра. Бидејќи се цени како купе изведба на Икс 1, соодветно и цената е повисока. Споредлив Икс 1 сДрајв 18и чини 46.280 евра, односно 1.030 евра повеќе. Поголемиот Икс 4 не се нуди во изведба „18“, па таму стартот е од 67.230 евра за иксДрајв 20и, и за точно да се види како компактниот купе-СУВ е позициониран во споредба со него, треба да се посегне по Икс 2 иксДрајв 20и, којшто чини 52.600 евра.

Моделот на тест е „класика“, со дволитарски дизел со 163 КС и седумстепен менувач со двојна спојка, плус погон на сите тркала, односно тоа е Икс 2 иксДрајв 20д, со 54.740 евра во стандардна изведба.

И повторно, околу довербата. Тоа значи, околу дизајнот на Икс 2. Стилот навистина двои од врежаната претстава за автомобил со сино-белиот знак. Но, пример дека автомобилите не може вечно да изгледаат исто, од генерација во генерација, доаѓа од блиското соседство на БМВ, од Инголштат. На дизајнерите на Ауди со генерации им беше наложувано да цртаат еден ист автомобил, во различна големина. А3, А4, А6, А8, па исто и кај Ку-фамилијата, сите изгледаат повеќе или помалку исто. Тоа беше добро, за заедницата да се чувствува моќно оти вози Ауди и дека тоа е масовно. И тоа одеднаш стана здодевно. Мораше да се менува драстично, и тоа веќе се случува со новите модели.

Што е тоа Акторнае Радшлупфрегелунг?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Целата финта со Икс 2 е во тоа што силуетата можеби изгледа неинтересно, меѓутоа доживувањето е во деталите. И во формите што се покажуваат кога ќе почне да се врти круг околу. Тоа секако дека е субјективна оцена, но токму опашот е кулминацијата на овој дизајн. Таму се соединуваат веројатно сите можни форми што досега се појавиле на автомобил БМВ, од купе, од Туринг од серијата -02, од САВ и САЦ, до лимузина и комби, можеби и родстер, којзнае.

Дизајнот е највпечатлив токму во опашот

Колку им било важно на дизајнерите, за задните столбови да бидат вовлечени навнатре и во исто време крилата да бидат импозантни како кардашијан-бутови, се забележува кога ќе се отвори вратата на багажникот и ќе се воочи дека отворот на багажникот малку се стеснува во средината, токму поради тоа што задните столбови се вовлечени.

Тоа што е недвојбено, секако е должината на овој САЦ – спорт активити купе, покрај Икс 4 и Икс 6. Каросеријата е за дваесетина сантиметри подолга од порано, ширината и меѓуоскиното растојание пораснаа по два сантиметри. Новата двојка оди и во висина, и тоа дури 6,5 сантиметри повисоко од претходничката. Назад има 25 милиметри повеќе простор за колена. Најголемиот напредок во просторноста е во багажникот, којшто со 560 литри е поголем за 90 литри од порано. Бидејќи ова е благ хибрид и батеријата е веднаш зад клупата, багажникот се скусува на 515 литри, но зарем и тоа е малку.

Главната тема во внатрешноста на Икс 2 не е ниту просторноста, ниту големината на дисплеите или шареноликоста на амбиенталното светло, туку се седиштата. Тука се седи совршено, односно Баварците се погрижиле чувството во тој поглед да биде како во моделите од вишата класа. Вистина е дека за тоа е заслужен и М Спорт пакетот, којшто ги вклучува овие седишта како стандард, меѓутоа седењето навистина одушевува.

Формите во кокпитот денес не се забележуваат, затоа дизајнерите тука оделе на материјали, на изгледот и на чувството при допир

Следно што е одлика на Икс 2, тоа се материјалите и површините. Возилата денес одвај дека имаат некаква форма на арматурната табла, затоа што дисплеите се главни. Дизајнерите се сетиле дека тоа што класичните автомобилски форми отсуствуваат, може да се надомести со сосем нови материјали на поглед и на допир. Навистина, секоја површина е изработена со некој нов финиш. Премиумот се чуствува.

Во поглед на инфо-забавниот систем и конективноста, БМВ веќе има отскокнато многу и далеку е од претерано кога ќе се каже дека Минхен во моментов го има достигнато највисокото ниво што постои. Критиките за отсуството на механички команди за климатизацијата веќе здодеаја – кај автоматска клима, кој уште посега за нешто да промени? Дири и рециркулацијата на воздухот во кабината се вклучува гласовно.

Згодна работа е конзолата што практично продолжува од потпирачот за лакт и со тоа Икс 2 ја покажува блискоста со Икс 1, едниот САЦ, другиот САВ. Тоа што по малку буни, а можеби и малку повеќе, тоа е соборувањето на задната клупа. Нема вообичаени рачки горе на седиштата, за клупата да се ослободи и да се собори, туку тоа се врши преку јамки. Очигледно требало да се најде начин за заштеда во трошоците, но можеби овој избор и не е најпогоден за тоа. Во финишот во багажникот исто така можело да се вложи малку повеќе внимание.

Благ хибриден погон со електромотор вграден во куќиштето на менувачот

А, каде е технологијата во ова БМВ? Во благиот хибриден погон, со електромотор со 14 кВ/19 КС и 55 њутнметри, што е вграден во самото куќиште на менувачот, и му помага, а во некои ситуации дури и целосно го заменува моторот, барем на кусо. Можеби некој не се интересира во БМВ да добие уште пониска потрошувачка од обично, меѓутоа овој 48-волтен благ хибриден погон е важен токму поради тоа што возењето во градското секојдневие и воопшто, го прави попријатно.

Батеријата се полни од залетот што го има возилото, секогаш кога ќе се отпушти педалата за гас, на надолнина, при сопирање. Работата на електромоторот во менувачот се чувствува и тоа остава посебен впечаток, допадливо е тоа што електриката го додава во возењето. Дури и ќе се слушне одвреме навреме препознатливиот звук на електромотор.

Сите технички податоци за тестираниот модел

https://avtosalon.mk/listings/bmw-x2-xdrive-20d-2/

Ефектот од благиот хибриден погон? Потрошувачката упорно се движи околу 5,5 литри, без разлика дали ќе се вози малку подинамично или ќе се вложи малку труд да се подзаштеди. Тоа е радосната вест, па и тоа премиумот, технологијата го прави тоа.

Фактот што Икс 2 е конструиран и во целосно електрилна изведба и Икс 2, помага за нивото на бучава во кабината да биде невообичаено ниско. Очигледно е вложувано многу за сите избвори на звук и можности за создавање резонанца да се сведат на минимум, заради нечујниот електричен погон кај и Икс 2, а сето тоа го наследува и дизел-моделот.

Работата на подвозјето е тоа што убедува во супериорноста на БМВ Икс 2 како модел од компакт класата

На сите квалитети што ги поседува БМВ Икс 2, во динамиката, во посебниот систем за спречување на пролизгувањето на погонските тркала што помага динамиката да се подигне уште толку, во просторноста, во изработката, во тивката кабина, им се придружува и нагласено комфорно подвозје – нагласено, не значи дека Икс 2 се клати во свијоци, туку значи дека ја задржува динамиката што е својствена за БМВ, а со тоа и возачкото уживање, и додава суптилна, врвно избалансирана и тивка амортизација. Тоа всушност е триумфот на БМВ Икс 2.

Претходна објаваХепи Бај-Деј Опел Македонија: 125 години Опел
Следна објаваКупра преговара со дилери во САД за почеток на продажбата во 2030 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here