
БМВ прв во Германија понуди услуга В2Г, кусо од Виакл-то-грид, во соработка со електро дистрибутерот Е.ОН.
БМВ гласно го најавуваше првиот модел од новата генерација Ное Класе и беше јасно дека кај возилото не се работи само за дизајн и за дигитализација, туку и за сосем нови услуги во автомобилскиот свет. Првиот модел од Ное Класе, електричниот-СУВ од средна класа и-Икс-3, им дава смисла на сите кратенки што фановите со години ги гледаа и слушаа, но малку од тоа беше разбрано, затоа што остануваше само на „приказни“. Сега вистински функционираат В2Х (Виакл ту Хоум), В2Л (Виакл ту Лоуд) и В2Г (Виакл ту Грид).
Главното внимание е во В2Г. Баварците ја проширија својата соработка со електро дистрибутерот Е.ОН и уште во септември лани, на салонот ИАА Мобилност во Минхен, го најавија следниот голем чекор.
Услугата В2Г доаѓа како комплетен пакет, во чијашто цена влегуваат ѕиден полнач БМВ, договор за посебна тарифа В2Г со ЕОН и интелигентно броило за струја.
На корисниците во Германија, со пакетот В2Г им следи бонус во висина до 720 евра, што значи дека тие ќе добијат 14.000 километри бесплатно возење во текот на една година. Дополнително за првите клиенти следи и попуст од 700 евра за ѕидниот полнач, чијашто редовна цена во Германија изнесува 2.095 евра.
Услугата може да се користи со електрични модели на БМВ со 6-та генерација на овој вид погон, а тоа во моментов е само новиот и-Икс-3. Возилото се приклучува на струјна мрежа, и енергијата што ја поседува батеријата, се насочува од возилото кон дистрибутивната мрежа. Корисникот на возилото добива соодветен надомест за таа своја услуга од електро дистрибутерот, односно му се одзема одреден износ од потрошената струја.
Автоматското полнење и празнење се врши по пат на алгоритам што заеднички го имаат изработено БМВ и Е.ОН. Според производителот, корисникот добива од секој час во којшто возилото е приклучено на мрежа. Годишниот надомест за тој труд, донесува како корист 720 евра бонус, коишто ќе видат одбиени од сметките за струја во текот на една година. БМВ цени дека со тој износ се добиваат бесплатно до 14.000 километри годишно.
Клиентите имаат целосен преглед врз случувањата преку мобилна апликација. Интелигентна заштита се грижи батеријата во секое време да биде наполнета оптимално.
Како дополнителен поттик за најхрабрите, БМВ одобрува попуст од 700 евра за својот ѕиден полнач од 11 киловати. Секако, и самиот полнач дозволува двонасочно полнење.
За секој киловатчас што од батеријата на возилото ќе биде преземен во дистрибутивната мрежа се одземаат по 40 центи од секој киловатчас што ќе се наполни во батеријата.
БМВ Икс 3 · Тест · Погонот лична карта, возните својства пасош
Клиентите можат да нагодат преку апликацијата, за возилото секогаш да биде наполнето целосно, во одредено време.
Целото „волшебство“ е во тоа што батеријата од возилото, односно од илјадници, а понатаму и десетици илјади возила што се приклучени на В2Г, се користи за напојување на дистрибутивната мрежа во време кога е побарувачката од струја е највисока.















