Форд Пума доби силна конуренција со новите Ситроен Ц3 Еркрос и Опел Фронтера

СУВ-моделите од В-сегментот се најверодостоен пример колку се смениле нештата во вториот најголем вид на возила што се продаваат во Европа: Форд Пума што се појави во 2019 година наспроти новите модели на Ситроен и Опел.

Форд Пума вози со застарен концепт, како во поглед на каросеријата, така и во хибридниот погон

Концернот Стелантис напаѓа силно во вториот најпродаван сегмент на европскиот пазар, во сегментот на Б-СУВ моделите, прво со новата генерација на Ситроен Ц3 Еркрос, а потоа и со Опел Фронтера. Форд имаше забележливо присуство на пазарот во раните години на Пума, којашто се продава од 2019 година и имаше „затегнување на лицето“ лани. Но, конкуренцијата сé може подобро од Фордот.

Колку и да се чини дека застарената Пума и новите модели на Ситроен и Опел се слични, затоа што по дефиниција припаѓаат во ист сегмент, овие две генерации ги делат светови. Тоа важи и за просторноста, но и за погонот. Тоа што сепак ги прави новите Ц3 Еркрос и Фронтера да бидат тешки противници, е фактот што со цената, не само што ѝ парираат на Форд Пума, туку и ја засенуваат. Секако, купувачите ја имаат најголемата корист на крајот.

Почнувајќи од димензиите, од големината на кабината, којашто отсекогаш беше слаба точка на Пума: Додека Фордот некогаш убедуваше со должината од 4,18 метри, денешните Ц3 Еркрос и Фронтера на тоа додаваат уште 20 сантиметри. Практично, друга класа.

Ограничените пропорции на кабината на Форд Пума се насетуваат и во меѓуоскиното растојание: 2,58 метри кај Пума, наспроти 2,67 метри кај моделите на Стелантис. На тестовите на двата модели од концернот на Пежо и Фиат во Аутомедиа посочивме токму на изобилството од простор на задната клупа кај Фронтера и Еркрос.

Најразочарувачки е во багажникот, важно подрачје за македонските купувачи, каде што не можеме да се луксузираме за едно возило за низ град, а друго за патување. Нашите возачки и возачи бараат колку може поголемо возило за парите. Токму тоа го нудат Ситроенот и Опелот, наспроти Фордот. Споредба на зафатнината на багажникот: Додека Пума пак мами со зафатнината од 456 литри, но сопствениците знаат колку е ограничена искористливоста на тој простор, поради неправилната форма, и практично се добиваат тристотини искористливи литри, вистинската разлика се покажува во максималната зафатнина, со соборена клупа: 1.216 литри кај Пума, 1.600 литри кај Еркрос и Фронтерас. Разлика од близу 400 литри!

Тоа што малкумина го забележуваат при изборот на возило, а имаат практика вишокот багаж или спортската опрема да ги сместуваат на кровен багажник, мора да имаат предвид и дека Форд Пума дозволува само 50 килограми на покрив, додека кај франко-германо двојката се 75 килограми.

Просторната разлика е очигледна. Но, и во моторот има голема разлика

Форд наведува дека во Пума работи благ хибриден погон. Тоа е точно, но е точно и дека во Пума работи наједноставната и веќе напуштена форма на електрификација, односно квази благ хибриден погон. Додека во Ситроен и Опел работи вистински 48-волтен благ хибриден погон, со електромотор од 21 КС што е вграден во самиот менувач со двојна спојка, во Форд има само обичен стартер-генератор, што е поврзан со ремен со коленастото вратило и нуди мала корист.

Конструкцијата на благиот хибриден погон во моделите на Стелантис, дозволува возилото при поаѓање, паркирање, во градски метеж, да се движи чисто електрично. Таа „музика“ не се слуша во Пума. Соодветно на тоа, огромна е разликата во потрошувачката. Според нормите, Опел и Ситроен во град трошат 5,3 литри, односно 5,5 литри соодветно, а кај Форд се добива вредност од најмалку 6,9 литри. Во реални услови на возење, разликата ќе биде уште подрастична. Соодветно на тоа и емисијата на штетни материи е повисока кај Фордот, со 130 наспроти 120 грами ЦО2 на секој километар.

За динамиката најдобро сведочи податокот за вртежниот момент. Пума со своите 999 сантиметри кубни испорачува најмногу 170 њутнметри. Еркрос и Фронтера доаѓаат до 205 њутнметри, односно до 230 њутнметри кај изведбата со 145 КС. Оваа разлика ќе се почувствува при секоја нагорнина и при секое забрзување за да се престигне побавно возило.

Форд Пума не се докажува во ниту едно подрачје, најмалку со цените

Работите се менуваат брзо. Форд Пума ја губи трката во сите категории. Тоа ја вклучува и цената. Со продажни акции со коишто Форд се обидува да го протне својот модел покрај силната конкуренција, што секако ги вклучува големците како Рено Каптур, Фолксваген Т-Крос, Шкода Камик, Пежо 2008, Тојота Јарис Крос, Киа Стоник, и уште дузина успешни модели, Пума во верзија со мануелен менувач се нуди за 21.500 евра. Опел Фронтера со автоматски менувач и со сите други предности што ги нуди, стартува од 21.000 евра, додека Ситроен за 23.990 евра нуди и богата опременост, и го нуди посилниот мотор со системски 145 КС. Кај нив, во Еркрос се влегува уште за 18.490 евра. Во минатата година, Ситроен на македонскиот пазар продаде далеку над 100 примероци од својот нов СУВ-модел.

Веќе се зборува и за нова генерација на Форд Пума – којашто најверојатно ќе биде Фолксваген.

Претходна објаваПежо 208 најпродаван модел во Шпанија во јануари
Следна објаваБМВ од своја батерија предава струја во дистрибутивна мрежа, сопствениците заработуваат

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here