Фолксваген продолжува со потратага по свежи пари. Откако концернот изненади со големата позитива во приливот на готовина во минатата година, во заднина веќе се работи на следната зделка што тежи милијарди. Престои продажба на огранокот за тешки мотори Еверленс.
Собирањето понуди завршува на 12-ти февруари и се очекува од продажбата на огранокот да се обезбедат до шест милијарди евра.
Директорот за финансии Арно Антлиц, на кој ликвидноста му е најважна, со претстојното склучување на зделката може да се надева на уште еден голем успех. Тоа веќе му успеа еднаш, откако неодамна изненади со високиот прилив на готови пари.
Како што концернот соопшти кон завршетокот на јануари, нето приливот на готовина во 2025 година не беше на нула, како што сите очекуваа, туку изнесуваше шест милијарди евра.
Тоа е дури една милијарда повеќе отколку преклани. Како причина за успехот, Фолксваген посочи на смалените вложувања за работен капитал, како и на инвестициите во недвижнини, во истражување и развој, што излегоа пониски од предвидувањата.
Се кршат копја околу бонусите
Критичарите сепак се сомневаат дека приливот на пари ќе биде одржлив. Тие стравуваат дека билансот е постигнат на товар на следните години и дека во тековната година повторно може да притиснат трошоците.
Поради тоа, работничкиот совет зазеде став пред претстојните избори и бара од големиот прилив на готовина да им се исплатат бонуси на вработените, иако според пакетот мерки за штедење, тие требаше да изостанат во 2026 и 2027 година. Во моментов во Волфсбург се дискутира и околу бонусите на менаџерите, коишто зависат токму од исполнувањето на целите за прилив на готовина.
Висока заинтересираност за Еверленс
Овие барања би можело да се реализираат, доколку се добијат дополнителни средства од планираната продажба на Еверленс. Уште во минатата година се зборуваше за плановите на Фолксваген да се раздели од поранешниот МАН Енерџи Солушнс. Сега веќе се работи на конкретни планови за продажба на дел од компанијата. Во почетокот е планирано да се отуѓат 51 проценти од компанијата.
Според германските медиуми, постои висока заинтересираност за профитабилниот производител на тешки мотори. Со маржа од осум проценти, Еверленс е еден од златните извори на концернот Фолксваген.
Засега е најголем интересот меѓу фирмите за приватен капитал од САД, меѓу коишто се Блекстоун, Баин Капитал и Адвент. Често се спомнуваат и шведското друштво за инвестирање ЕКУТ, како и јапонскиот холдинг Јанмар.
Мала е веројатноста дека Порше СЕ ќе се јави како купувач
Во Волфсбург очекуваат да се постигне зделка со европски инвеститор, на пример ЕКУТ. Швеѓаните сепак не се во состојба сами да го изведат тој потфат. Тие уште пред 20 години го купија производителот на мотори МТУ Фридрихсхафен од Дајмлер Крајслер и потоа го препродадоа на Ролс Ројс. Според гласините, ќе се вмеша сингапурскиот државен фонд ГИЦ.
Наспроти тоа, мала е веројатноста дека мајката на Фолксваген, Порше СЕ, ќе се најде меѓу понудувачите. Целта на концернот и на сопственичките фамилии Порше и Пиех е преку продажбата да се обезбеди свеж капитал, место да се префрлуваат средства во самиот концерн.
Името беше сменето во минатото лето
Фолксваген во минатиот јуни соопшти дека ќе го смени името на огранокот за мотори. Експертите тогаш го оценија потегот како начин да се зголеми атрактивноста на МАН Енерџи Солушнс за продажба.
Компаниајта со 14.000 вработени во 2024 година оствари промет од 4,3 милијарди евра и постигна оперативна добивка од 337 милиони евра. За 2025 година, аналитичарите поаѓаат од ЕБИТДА во висина од 750 милиони евра.
















