Првиот човек на BMW, Оливер Ципсе, најави „голем технолошки скок со Новата класа, во поглед на електричниот погон“, при потпишувањето на државната финансиска помош од германскиот министер за економија Петер Алрмајер и неговиот баварски колега Хуберт Ајвангер. Со новата технологија значително се зголемува енергетската густина на ќелиите, додека истовремено се намалуваат трошоците за материјал и за производство.
До 2030 година, BMW планира да започне со вградување батерии со цврст електролит во своите сериски модели. Баварците ценат дека новата техника е „Game-Changer“ во поглед на електромобилноста. На големите најави од Минхен се придружи и првиот човек во развојот, Франк Вебер: „Интензивно ја истражуваме технологијата на батерија со цврст електролит“.
Првиот техничар на BMW очекува дека батеријата со цврст електролит до крајот на деценијава ќе достигне степен на зрелост да почне да се вградува во сериските модели на марката. Прототипите со коишто ќе се прикажуваат предностите на новата технологија се очекува да се појават многу порано од 2025 година.
Покрај тоа, производството на високонапонските батерии ќе има помало влијание врз животната средина. Се планира значително намалување на количината на примарен материјал, со цел да се произведе батерија што навистина ќе може да се нарече „зелена“.
BMW ќе го произведе најзелениот автомобил во светот, кој ќе ги почитува начелата на одржливоста, почнувајќи од идејата до рециклирањето по крајот на експлоатацијата
Вебер продолжува: „Ги развиваме батериските ќелии на иднината: Тие се моќни, сигурни, евтини и се рециклираат.“ Според главниот инженер на BMW, неговата марка ќе го произведе најзелениот автомобил во светот, кој ќе ги почитува начелата на одржливоста, почнувајќи од идејата до рециклирањето по крајот на експлоатацијата.
Регионалните и сојузните власти финансиски ги подржуваат проектите на BMW, со средства што спаѓаат во „Важни проекти од заеднички интерес за Европа“. Едниот од двата подржани проекти на BMW се однесува на развој на нова генерација литиум-јон батерии, додека кај вториот проект станува збор за развој на батерии од следната генерација, заедно со изградба на погон за изработка на прототипи.
„Новата класа“ е модел со којшто BMW најавува револуција во својата понуда од модели по 2025 година. За таа цел се развива нова архитектура на возилата, којашто целосно е посветена на електричниот погон. Шефот Ципсе го најави тоа уште во почетокот на март. До 2025 година, продажбата на модели со чисто електричен погон на BMW ќе се зголеми најмалку за десетпати во споредба со лани. Во 2030 година, секој втор испорачан модел на BMW ќе вози само на струја.
















