
Официјалното деби на Ное Класе ќе се случи во септември, на салонот ИАА Мобилност во Минхен. БМВ таму ќе го прикаже првиот модел врз таа платформа, односно целосно електричниот и-Икс-3, како СУВ-модел од средна класа, што се базира врз концептот Вижн Ное Класе Икс, премиерно прикажан во март 2024 година.
По и-Икс-3 ќе следи целосно електрична лимузина од серијата 3, што ќе ја носи ознаката и3. Таа се базира врз концептот Вижн Ное Класе што светот првпат го виде во 2023 година. Во следната и во 2027 година ќе бидат лансирани уште четири нови модели со целосно електричен погон.
Аналитичарите на 15-ти и 16-ти јули добија можност кусо да ја запознаат Ное Класе и покажаа одушевување од амбициите и од реализацијата.
„Ное Класе е најголемата и најдолготрајна инвестиција во историјата на БМВ,“ објавија Берштајн на 17-ти јули. „Тешко е човек да не се импресионира од обемот и од постигнувањето на амбицијата на БМВ, како и од постигнатата техничка пресвртница.“
Од успехот на Ное Класе зависи амбицијата на групацијата БМВ да се врати на маржа од 8 до 10 проценти, во споредба со 5 до 7 проценти во моментов, соопштуваат од Бернштајн.

Извршниот директор на групацијата БМВ, Оливер Ципсе, ја најави Ное Класе во март 2021 година. По четири години, БМВ ќе го покаже исходот од големите вложувања.
Но, во што се новините на Ное Класе, односно Нова Класа?
Името се повикува на новата генерација модели со коишто БМВ во средината на 1960-те години се впушти посериозно во трка против ривалот Мерцедес-Бенц, со моделите 1500, 1600, 1800 и 2000. Сегашната Ное Класе е многу повеќе од вообичаена автомобилска платформа.
Кусото објаснување е дека Ное Класе ги вклучува дизајнот, платформата и технолошките модули што ќе се користат низ целата понуда од модели на БМВ во следните години. Тоа важи и за модели со целосно електричен погон и за модели со мотор со внатрешно согорување, па дури и за модел со водороден погон, што треба да се појави во 2028 година.
„Ное Класе воведува цела низа компоненти што ќе се користат со различни видови погон, дури и хидроген, низ целата идна понуда од модели,“ изјави во февруари Франк Вебер, шефот на развој во БМВ.
Кои модели на БМВ ќе бидат Ное Класе?
Првиот модел од Ное Класе, и-Икс-3, ќе започне со производство наесен во новата фабрика на БМВ во Дебрецин, Унгарија. Испораката ќе започне во првото тромесечје во 2026 година. Вториот нов модел е и3, којшто ќе се произведува во Минхен, со испорака почнувајќи од третото тромесечје в година.
Бернштајн ги опишува овие модели како „стартен пиштол“ за воведувањето на Ное Класе во продажба. Уште четири нови модели со електричен погон ќе бидат лансирани до 2027 година. Новата серија 3 со мотори со внатрешно согорување ќе ја доживее својата премиера кусо по и-Икс-3.
Меѓу останатите ЕВ се комбито и3 Туринг, кросовер во стил на купе и-Икс-4 и компактен СУВ-модел со ознака и-Икс-1.
Постоечките модели, вклучувајќи ги моделите што се во средината на својот моделски век, како серијата 5, исто така ќе претрпат редизајн и ќе добијат технологија од Ное Класе, најавуваат Бернштајн.
Целта е да се постигне целосно заокружена понуда од модели. Редизајн на серијата 5, што ја користи платформата ЦЛАР, се очекува во 2026 година, по само три години откако стартуваше моделот. Платформата ќе се преработи за да ја прифати технологијата Ное Класе.
Меѓу останатите големи модели што ќе добијат ист третман се Икс 5 со класичен погон и новиот и-Икс-5 со електричен погон, коишто ќе се произведуваат во Јужна Каролина, САД и во Шенјанг, Кина. Идните модели од Ное Класе ќе се произведуваат и во новата фабрика во Мексико.

Каква е технологијата на електричниот погон во Ное Класе?
БМВ ги опишува моделите со целосно електричен погон од Ное Класе како Ген6 еДрајв. Тој се базира врз 800-волтна архитектура со микропроцесор со силикон карбид, што преоѓа во стандард кај скапите електрични модели. Погонот дозволува полнењето да биде побрзо, а воедно и батериите да бидат помали, што значи пониска тежина и пониски трошоци за батеријата.
Електричните модели од Ген6 ќе располагаат со 20% повисока енергетска гистина, за 30% побрзо полнење и за 30% подолг досег, во споредба со тековните модели од Генерацијата 5. На пример, и-Икс-3 ќе постигнува досег до 80 километри, со потрошувачка од 15 кВч на сто километри, додека и3 со повеќе аеродинамична форма ќе троши 12 кВч.
БМВ посочува дека батеријата со друга хемија ќе чини до 50 проценти помалку, со технологии „сел ту пак“ (без модули) и „сел ту опен бади“ (батерија што е носечки дел во каросериската структура).
Ное Класе ќе користи два вида електромотори, Моделите иксДрајв (со мотори со внатрешно согорување) ќе користат компактен и поевтин асинхронен електромотор напред, додека електричните модели ќе користат синхронен мотор со електрична побуда, над задната оска, во заеднички модул со инвертерот и со преносниот механизам.

Главната електроника што се води како Енерџи Мастер и доаѓа заедно со софтвер, развиена е во БМВ и овозможува освежување на софтверот во реално време.

Дали Ное Класе ќе биде мултиенергетска платформа?
Во минатата година БМВ објасни дека со самиот факт што Ное Класе е многу повеќе од вообичаена платформа, сите модели ќе ги добијат главните технолошки блокови од Ное Класе. Тоа се однесува и на моделите со преден погон врз платформата УКЛ, како и за моделите со заден погон и платформа ЦЛАР.
„Важно е сите наши платформи да бидат поврзани, затоа што користат ист сет од компоненти,“ кажува Вебер. „Кога некој ќе избере приклучен хибрид или модел со мотор со внатрешно согорување, апсолутно треба да се добие најновата технологија, место технологија од претходната генерација.“

Кои се останатите технолошки блокови на Ное Класе?
Во срцето на електрониката на Ное Класе се наоѓаат четири суперкомпјутери, наречени супермозоци: Контролен модул за динамиката, којшто ги следи забрзувањето, сопирањето, управливоста и управувањето; Модул за контрола на дисплејот Панорамник Вижн; Модул за контрола на автоматското возење и модул за контрола на останатите функции.
Моделите од Ное Класе ќе имаат сосем нов вид арматурна табла и нов кориснички интерфејс што се води под името Панорамик ајДрајв, со мултифункциски волан, голем средишен дисплеј и лента по целата ширина под ветробранот, место инструменти, како и проекциски дисплеј. Производството стартува кон завршетокот на 2025 година. Панорамскиот ајДрајв ќе се вдоми во сите модели, без оглед на видот на погонот.
Панорамскиот ајДрајв го користи оперативниот систем Икс, што е развиен самостојно од БМВ.















