за

BMW M5 против Mercedes-AMG E 63 S на споредбен тест на Auto Bild

amg e63s vs m5 aubi
Фото: Ауто Билд

Дуелот на годината доаѓа на крајот. Тркачките лимузини од Минхен и Штутгарт во актуелната генерација се соочуваат со идентично оружје, што не мора да значи дека и возењето им е исто. Германскиот магазин Auto Bild, како и вообичаено, го знае одговорот.

Вечниот двобој меѓу тркачките лимузини на Баварците и Швабите влезе во ново, четврто поглавје. BMW за првпат користи погон на сите тркала во новиот M5, додека конкурентот Mercedes-AMG веќе неколку години се повикува на оваа техника во своите спортски лимузини. Минхен се реши на овој чекор и поради тоа што останаа мал број модели кои возат само со заден погон.

Магазинот Auto Bild веднаш ги соочи BMW M5 и Mercedes-AMG E 63 S, за да го добие одговорот што сите го чекаат. Кој е подобриот од двата екстреми модели? Возењето за споредбениот тест се одвиваше во Португалија, покрај Атланскиот брег, на суво и топло време.

Опашот лизга незначително кај обете лимузини, и покрај вклучената контрола на стабилноста, но само затоа што времето и триењето од гумите го имаат исполирано асфалтот по патиштата. Друга причина за тоа се гумите: М5 вози со Pirelli P Zero, додека на E 63 S се монтирани гуми Continental Sport Contact. Овие гуми бараат топло време и груб асфалт.

На тркачката патека Есторил се покажува вистинската страна на екстремните лимузини

Ситуацијата се менува по пристигањето на тркачката патека Есторил. Тука асфалтот дозволува да се сопира многу подоцна, но и порано да се забрзува на излезот од свијоците. Иако тежината им е речиси идентична (1855 kg на M5 наспроти 1880 kg на E 63), BMW остава впечаток дека е полесен и потемпераментен во тесните свијоци.

Погонскиот концепт M xDrive располага со мошне широк спектар на динамика. Во нормални услови, M5 вози само со заден погон. Кога условите ќе побараат, предната оска се вклучува брзо и незабележливо. Кој сака поостро, ќе избере 4WD Sport. Распределбата на вртежниот момент во овој модус е повеќе на задната оска и предизвикува мал дрифт уште при три четвртини гас. „Без DSC, значително се зголемуваат страничното забрзување, прецизноста на управувањето и уживањето во 4WD Sport,“ пишува магазинот. Кој сака и кој може повеќе, вклучува 2WD за да го доживее карактерот на стариот M5 во ново руво.

При заден погон е ограничена брзината кај E 63 S, додека M5 не познава граници

Дрифт-модот во E 63 S во реалноста е можност за избор само на заден погон. Со исклучен ESP, задните тркала почнуваат да чурат уште во модусот Sport. Врвот следи во модусот Race. „Отсега, само и единствено пилотот решава за менувањето на степените и за тежината на перформансот – но само до 120 km/h. Потоа повторно се вклучува предната оска.“ За разлика од тоа, кај M5 нема брзинско ограничување при погон на задната оска. Auto Bild дава забелешка за менувачот: „Иако BMW тврди дека новиот осумстепен автоматик менува исто толку брзо колку седумстепениот DKG, недостига бруталното камшикување за префрлување во повисок степен како кај стариот менувач со двојна спојка“.

Менувачот на Mercedes работи поспортски. Неговиот автоматски менувач користи влажна спојка при поаѓање, додека кај BMW и натаму работи претворач на вртежниот момент, кој се премостува по само неколку метри.

Mercedes-AMG E 63 4Matic+: Овој E-Class е тешко да се победи

Спринтот до сто е идентичен, со 3,4 секунди, но BMW е во предност од четири десетини при забрзување до 200 km/h, со 11,1 секунди. Изедначеност има и кај потрошувачката на тестот на Auto Bild, со 17,4 литри за M5 и 17,2 литри за E 63.

Со 600 КС и 750 њутнметри BMW заостанува зад AMG, кој парира со 612 КС и сто њутнметри повеќе. Но, според магазинот „не е сé во моќноста“.

BMW M5, генерација шест

Скапите карбон-керамички сопирачки на M5 не се ни загреваат во обичен сообраќај, а реагираат и забавено при дожд и погласни се, но на тркачка патека се врти листот. „Во овој тркачки автомобил што е погоден за семејствата мора одново да се учи доцното сопирање и растојанието до темето на свијокот постојано да се пресметува одново. Балансот при комбинирано сопирање и вртење е сензационален.“

Управувањето добива големи пофалби за прецизноста, балансот и агилноста. Наспроти тоа, критики за E 63 S. „Покрај посилното враќање на воланот и потребата потоа да се центрира околу средишната положба, забележуваме дека е потребна поголема сила при вртењето и реакциите при коригирање не се толку прецизни. Тоа се нијанси, но постојат.“

Разлика во кинематиката на оските кај тркачките лимузини

Само при директна споредба може да се забележат малите разлики, коишто на крај решаваат околу победникот. По изедначената борба во погонот и сопирачките, како и малата предност за управувањето на BMW, Минхен победува и во оценувањето на подвозјето. Заслугата за тоа е во кинематиката на оските, којашто гарантира максимален контакт на гумите со подлогата. „Гумите едноставно се лепат на патот, создаваат подобар котакт и реагираат уште помеко во граничното подрачје.“

AMG E 63 S е дотеран малку поагресивно, во комбинацијата со трикоморна пневматска амотизација користи малку потврди амортизери и има поголем нагиб на тркалата. Тоа помага во повеќето случаи, но „како што Mercedes се приближува до лимитот, така и едната страна на гумите се оптоварува повеќе.“

Auto Bild му дава мала предност на BMW и во ракувањето. Преку двете М-копчиња може на допир со палецот да се вклучат претходно меморираните програми за возење, а на дофат се и копчињата за дотерување на управувањето, подвозјето, моторот и менувачот. Кај AMG „секогаш има по уште еден дополнителен потег.“

Заклучокот на авторот Георг Кахер: „AMG E 63 S е спортска лимузина од даркнет – гласна, цврста, лута. М5 е убавицата и ѕверот – уште посуверена, помека и на крајот малку побрза. Двата автомобила се фасцинантни на свој начин. Кога во Benz ќе се притисне копчето за издувот, силината на звукот се дуплира. Кога истото ќе се направи во M5, издувот се префрлува од гласно на тивко. Тоа се тие мали, но фини разлики.“

Податоци · Auto Bild

BMW M5

Mercedes-AMG E 63 S

Контрукција на мотор

V8

V8

Натполнење / Притисок

Biturbo/1,7 bar

Biturbo/1,5 bar

Зафатнина

4395 cm³

3982 cm³

Пречник и од

88,3 x 89,0 mm

83,0 x 92,0 mm

Компресија

10,0:1

8,6:1

kW (КС) /min

441 (600)/5600–6700

450 (612)/5750–6500

Литарска моќност

137 КС/l

154 КС/l

Nm / min

750/1800–5600

850/2500–4500

Погон

На сите тркала

На сите тркала

Пренос

8-степен автоматик

9-степен автоматик

Сопирачки напред

400 mm

402 mm

Сопирачки назад

396 mm

360 mm

Материјал на сопирачки

Карбон-керамика

Карбон-керамика

Бандажи напред / назад

9,5 x 20 – 10,5 x 20

9,5 x 20 – 10 x 20

Гуми напред / назад

275/35 ZR 20 – 285/35 ZR 20

265/35 R 20 – 295/30 R 20

Гуми, марка и модел

Pirelli P Zero

Michelin Pilot Sport 4S

Димензии

4965/1903/1473 mm

4993/1907/1460 mm

Меѓуоскино растојание

2982 mm

2939 mm

Празно возило / Носивост

1855/585 kg

1880/645 kg

Сооднос тежина-моќност

3,1 kg/КС

3,1 kg/КС

Резервоар

68 l

66 l

Багажник

530 l

540 l

0-100 km/h

3,4 s

3,4 s

0-200 km/h

11,1 s

11,5 s

Крајна брзина

250/305 km/h

250/300 km/h

Просечна потрошувачка

10,5 l

9,1 l

Основна цена

117.900 евра

122.427 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Brabus Ultimate Sunseeker Limited Edition One of Ten

Brabus изработи „велосипед“ за сопственици на луксузни јахти

lada vesta kuba

Нови автомобили од Lada повторно се возат во Куба