Германското здружение за заштита на животната средина, Дојче Умвелхилфе – ДУХ, постигна голем триумф против лажните вредности на издувот кај БМВ. Германската агенција за моторен сообраќај КБА отпочна сослушување против минхенскиот прозиводител, поради сомнение дека се манипулирало околу штетноста на издувот на моделот Икс 3.
Станува збор за модел што ДУХ го тестираше во јуни 2023 година и утврди големи отстапувања. Моделот е Икс 3, произведуван меѓу 2010 и 2014 година, со интерна ознака Ф25. ДУХ тврдат дека автомобилот има намалена емисија на штетните азотни оксиди, кога е исклучен клима уредот.
При лабораториските мерења на коишто се утврдува дали возилото ги исполнува пропишаните вредности за емисијата на азотни оксиди, клима уредот не работел. ДУХ оттаму заклучува дека станува збор за илегален уред што се вградува во БМВ.
Од КБА испратија допис до високотиражниот германски дневник Билд, коишто први ја објавија веста: „Инспекцијата на КБА во август 2023 отпочна постапка за сослушување против БМВ. Се работи за сомнение за недозволен уред во контролата на работата на моторот на Икс 3 со дволитарски дизел.
Типските хомологации за емисијата што се сомнителни, своевремено се направени во Ирска, од страна на тамошната агенција за хомологација. Ирската агенција за хомологација НСАИ може да размени податоци со КБА.“
БМВ одрекува вина
Отпочнатото сослушување е голем успех за германската ДУХ. Лобистите за чиста животна средина уште во јуни објавија дека мерните вредности се превисоки и испратија остра кркитика до БМВ. Ова се само првите консеквенци.
За разлика од Фолксваген, БМВ мина без поголеми обвиненија во дизел скандалот во 2015 година. Уште е неизвесно, какви последици ќе има можната одлука на КБА врз БМВ. Освен казна за баварскиот производител, можно е да се поведе и постапка за сопствениците на проблематичниот модел да добијат отштета од БМВ.
















