
Европската титула за Фиат Нуова 500, односно 500е, се потврдува и со првото место на италијанскиот евергрин во Германија, Италија, Шпанија, Белгија и Австрија, во својот дел од пазарот, односно во сегментот на модели од А и Б сегментот.
Лансиран во 2020 година, паралелно со моделот што е на пазарот уште од 2007 година, Fiat 500e низ сиве години постојано се вбројува меѓу најпродаваните модели со погон на струја на европскиот пазар. Лани за наследникот на наследникот на една од најславните моделски серии во историјата се решиле близу 65.000 купувачи.
Платформата што ја користи електричниот 500е, а со тоа и самата каросерија, се разликуваат од класичниот 500, којшто патем и самиот користи електрификација, со благиот хибриден погон.
Електричниот Чинквеченто го продолжи успехот од предминатата година, кога исто така ја понесе титулата на најпродаван БЕВ во својот сегмент. Титулата е заслужена и со тоа што 500е лани беше најпродаван БЕВ во класата во Германија, Италија, Шпанија – три од петте најголеми пазари во Европа, како и во Белгија и Австрија. Во Франција му припадна второто место.
Во споредба со 2022 година, уделот на Фиат 500 Електро на европскиот пазар се зголеми за 0,3 процентни бодови. Тоа укажува дека најпродаваниот модел на струја во целиот концерн Стелантис му се опира на трендот – во 2023 година, продажбата на БЕВ во градскиот сегмент опадна за пет проценти.
„Од воведувањето на пазарот, од Фиат 500 Електро продадовме повеќе од 185.000 примероци ширум светот“
Оливие Франсоа, извршен директор на Фиат и директор за маркетинг за целиот Стелантис, коментира: „Фиат 500 Електро е успешен модел. Тој во 2023 година вторпат во низа го предводи сегментот на градски автомобили со електричен погон. Од неговото воведување на пазарот, од Фиат 500 Електро продадовме повеќе од 185.000 примероци ширум светот. Фиат 500 Електро во моментов се нуди на 44 пазари во светот.“
Италијанскиот модел се држи добро и во општа конкуренција на БЕВ од сите класи и сегменти. Во Германија и Италија, тој е во Топ 3, додека во Франција и Шпанија е 4-ти најпродаван електричен автомобил воопшто. Во статистиката за 10-те најголеми пазари во Европа, електричниот 500 се наоѓа на 4-то место во конкуренција на БЕВ.
Автомобилот е дизајниран и се произведува во Торино, и освојува како препознатлив производ „Мејд ин Итали“. Фиат во меѓувреме има уште два БЕВ во својата понуда: Малечкиот четирицикл Тополино и новиот 600е, своевиден наследник на Пунто.















