за

Овие грешки водат до брзо уништување на акумулаторот

Акумулаторот зиме е најчеста причина за возилото да остане неподвижно. Како да се избегнат непријатностите и дополнителните трошоци.

Поради ниските температури, моќноста на акумулаторот се намалува. Но, и возачот со погрешното однесување со возилото може да придонесе за акумулаторот да откаже побрзо отколку што му е векот.

Акумулаторот е главната причина за возилото зиме да остане неподвижно. При студ, тој е изложен на големи оптоварувања. Од една страна, студот ја намалува неговата моќност, а од друга страна, поради студот се вклучуваат дополнителни потрошувачи, како греење на седиштата, одмрзнување на задното стакло и сл. Затоа е за очекување, акумулаторот да откаже кога е студено. Но, проблемите може да се спречат.

Пет грешки што водат до прерано откажување на акумулаторот

Возење исклучиво на куси растојанија

На многумина сигурно им е здодеано да слушаат дека постојаното возење на кусо растојание е штетно за возилото. Тоа важи посебно за акумулаторот. Тој мора да биде во состојба да испорача голема количина енергија, за моторот да стартува. Кога се вози кусо, нема доволно време за алтернаторот добро да го наполни акумулаторот. Кога притоа се вклучуваат и сите можни потрошувачи, од радио, до греење на седиштата, од него само се извлекува уште повеќе енергија. Нормално е акумулаторот во такви услови да откаже порано или подоцна. Решение е акумулаторот да се дополнува редовно со полнач, чијашто цена се движи околу 2.500 денари.

Потрошувачи остануваат приклучени

Класика е кога ќе се заборават светлата и наутро акумулаторот е мртов. Добро е тоа што во поновите генерации автоматски се исклучуваат светлата. Но, постојат и дополнителни потрошувачи што може да ја исцрпат енергијата. Доколку на 12-волтниот приклучок остане поврзан некој потрошувач, на пример, додадени загревни облоги врз седиштата, или можеби деш-камера, тие и понатаму остануваат приклучени на струјната мрежа на возилото. Тие не работат во моментот, но со самото тоа што се приклучени, трошат енергија, малку по малку. Затоа треба да се помисли, дали можеби има некој „скриен“ потрошувач што го троши акумулаторот.

Валканото куќиште на акумулаторот исто така троши струја

Доколку акумулаторот е валкан, постои можност дека по влажниот слој нечистотија по површината на куќиштето ќе се појави т.н. ползечка струја. Клемите и приклучоците исто така треба да бидат чисти, за да се избегне струјата да бега преку нечистотијата. Затоа, чистење.

Возилото се остава да мирува подолго, без подготовка за тоа

Доколку возилото треба да мирува неколку седмици, тоа му пречи на акумулаторот. Дури и кога потрошувачите се исклучени, акумулаторот со тек на време губи напон, се празни. Затоа не треба да биде изненадување кога по долго време, возилото ќе остане немо при обид за старт. Во таков случај, пак е вредна препорака да се набави полнач што ја одржува наполнетоста. Тој можеби чини колку половина акумулатор, но ако акумулатор се менува секое зимо, еден полнач што ќе трае со децении сепак е далеку поевтино решение.

Игнорирање на првите значи на откажување

Акумулаторот со време почнува да дава знаци дека има намера да откаже. Обично е крајно време да се наполни акумулаторот, ако не и да се замени, кога моторот при стартувањето врти бавно. Сигурна проверка е при пуштен контакт да се вклучи соборено светло. Ако силината на светлата почне постепено да се смалува по неколку минути, тоа е знак дека акумулаторот е во лоша состојба. Честопати помага акумулаторот да се наполни навреме, за да се избегне купување нов.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што донесе моделското освежување на Голф

БМВ на сослушување поради мамење околу штетноста на издувот на своите дизели