за

XM и i7: Временски машини со знакот на BMW

Македонската автомобилска сцена доживеа историски моменти со премиерата на знаменосецот на BMW од Серијата 7 и на славеничкиот XM за 50-годишнината на M GmbH.

Електричниот погон и големите дисплеи се последното што човек го забележува кај новата Серија 7 на BMW од генерацијата G7 и кај спектакуларниот автомобил XM, за одбележување на половината век постоење на спортската сестра M GmbH.

Маската била преголема и дизајнот не бил како што очекуваат традиционалистите на баварската автомобилска марка. Тоа беа главните коментари во еден прилично долг период, секогаш кога ќе се спомнеше BMW. Без разлика дали менаџерите во Петуелринг зборуваа дека енергијата за фабриките во Динголфинг и Минхен е 100% „зелена струја“ од најблиската хидроцентрала или дали зборуваа дека во новите модели работи 8-та генерација на сопствениот оперативен систем, сцената постојано приговараше дека автомобилите на BMW имаат преголема маска и дизајнот им бил грд. Тоа беше програмиран цитат што бранителите на имиџот на марката го кажуваа секогаш кога ќе се спомнеше нов модел под сино белиот знак.

И, потоа се појавија новата Серија 7 од генерацијата G80 и новиот XM со фабрички код G09, модел што ја има честа да биде претставен по повод 50-годишнината на M GmbH, по нашки M д.о.о. Одеднаш големата маска е точно по мера и дизајнот е совршен. Така се постигнуваат историските пресвртници, отсечно и решително, без задршка. Дизајнот на BMW е сменет од корен, а тие што во салон на маркат влегуваат со барање да го добијат најдоброто што куќата има да го понуди, нема да негодуваат што место V8 или V12, за погон ќе имаат електромотор.

Двата пулени на BMW, што ја носат марката уште понапред во ерата на електромобилноста, Серијата 7, заедно со својата чисто електрична изведба i7, и суперспортскиот СУВ-модел XM со приклучен хибриден погон, ја удостоија македонската јавност со премиера, во завршницата од важната 2022 година, во поглед на автомобилските новитети што таа ни ги донесе.

Увозникот М Кар во минатиот викенд одржа презентација на двата модели, што ќе остане запомнета, а многу е веројатно дека ќе служи и како мерило за сите настани од овој вид што целат кон врвот. BMW i7 и BMW XM по спектаклот во „Рагуза“ беа изложени во салонот на М Кар, каде што уште доаѓаа заинтересирани купувачи и љубители на марката. Овие снимки се направени во салонот на улица Скупи.

Двата автомобили се единствени во едно, иако се наполни спротивни, како во поглед на каросеријата, така и во поглед на погонот. Тоа што ги спојува 100% електричниот BMW i7 и приклучниот хибриден BMW XM е значајносста. Човек е свесен дека овие автомобили се значајни уште пред да праша колку коњски сили тие имаат или колку им собира багажникот.

Rolls-Royce, во времето пред интернет, кога автомобилите се познаваа главно од слика, не објавуваше податоци за моќноста или вртежниот момент, за крајната брзина, за забрзувањето или за потрошиувачката на гориво. Доколку некој ги прашаше во Кру, колку коњски сили има Silver Spirit или Phantom, одговорот беше: Соодветно. Исто и кај BMW i7 или XM, не е потребна информација за бројот на коњските сили или за време(не)траењето на спринтот, за човек да сфати дека овие автомобили се исклулителни. Rolls-Royce, патем, денес е дел од групацијата BMW.

Електрификацијата на погонот, било да е целосна, како кај i7, или „стратешка“, како кај XM, претставува само придружен елемент на целосната промена што се има случено во врвната понуда на BMW. Сé е различно, од рачките на вратите, до релјефот со ромбови по таванот кај XM или телевизорот со ултрависока резолуција во таванот на i7, заедно со „смартфоните“ во рачките на задните врати. Боите, материјалите, нивни комбинации, и тоа е ново.

Електричен погон заради престиж, не заради тоа што трошоците биле пониски

Моделите од овој ранг се барани и ќе бидат уште побарани и застапени уште помасовно. Постоењето на овие техно-болиди i7 и XM не се темели врз субвенции, затоа што во нивната ценовна категорија не постои субвенција во која било држава ширум земјината топка. Возењето автомобил со напредна технологија е денешниот престиж, како што пред четири децении беше престиж да се вози BMW 750i со првиот повоен 12-цилиндарец од германска продукција.

Без податоци за коњските сили на овие два исклулителни автомобили, без какви било бројки, повелете видеата од BMW i7 и BMW XM.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Филм: Автомобилите на Peugeot се направени од привлечност, страст и историја

Kia третпат ја донесува Новата Година на Тајмс Сквер