Резултатите на БМВ за првото полугодие: Продажбата зголемена, маржата намалена

BMW ново лого анкета

Кога БМВ в четврток ќе ги објави своите бројки за првото полугодие, акционерите ќе можат да бидат задоволни. Продажбата на матичната марка на групацијата БМВ порасна за 2,3 проценти и достигна 1.096.486 возила. Минхен е во предност пред директните конкуренти Мерцедес (959.700 возила) и Ауди (832.957 возила).

Уште поголем е растот кај електричните модели од коишто зависи иднината. Нивната продажба порасна за 34 проценти, на 179.557 возила. Тоа пак е повеќе отколку што заедно продадоа Мерцедес (93.400 возила) и Ауди (76.657 возила).

Добра продажба на електрични автомобили, намалена добивка

На БМВ во овие несигурни времиња му оди во прилог тоа што ги произведува своите електрични и бензински/дизел модели на иста линија во секоја своја фабрика. Тоа е голема предност во однос на конкуренцијата, којашто произведува во посебни фабрики. Тие не се оптоварени доволно кога слабее побарувачката и со тоа растат производствените трошоци, односно се прави загуба.

Растот во продажбата на електричните автомобили не оди во корист на добивката, затоа што и БМВ помалку заработува со своите е-автомобили, отколку со моделите со мотор со внатрешно согорување.

Пад во добивката во првото тромесечје

Добивката во првиот квартал се намали за 18,9 проценти, а исто и маржата од продажбата на автомобили се смали од 12,1 проценти на 8,8 проценти. Директорот за финансии Валтер Мертл посочува дека причина за тоа е засилената конкуренција, којашто доведе до спуштање на цените.

БМВ очекува позитивен биланс за целата 2024 година. Успехот доаѓа главно од сериите 5 и 7, двете во нови генерации и со голема маржа.

Минхен исто како и досега вложува многу во истражување и развој. Годинава повторно ќе биде потрошена рекордна сума. Во тие подрачја, БМВ вложува преку 5 проценти од својата добивка. На подолг рок, квотата ќе се движи меѓу четири и пет проценти.

Проблеми во Кина

Тешко напредува најголемиот единечен пазар, Кина. Продажбата во првото тромесечје се намали за 4,7 проценти, затоа што купувачите се воздржуваат од трошење во време на кризата со недвижнините во земјата.

На тоа се надоврзува и растечката конкуренција од домашните производители, што подобро го погодуваат вкусот на купувачите, во поглед на дизајнот и инфо-забавните системи. Аналитичарите предвидуваат дека тоа може да влијае врз маржата.

Првиот модел на БМВ врз основа на Ное Класе, новата класа, ќе биде СУВ.

Новата Класа е решавачка

Најважниот проект е Ное Класе, Новата Класа. Во првите две години, врз новата платформа ќе бидат конструирани шест нови модели. Првите доаѓаат во 2025 година. Кај БМВ многу нешта зависат од успехот на тие модели. Според тоа што е познато досега, возилата ќе нудат значително поголем досег и покусо полнење во споредба со сегашните електрични модели. Но, дали тоа ќе биде доволно да се убедат купувачите?

Возилата од Ное Класе, за разлика од плановите на Мерцедес со своите модели од компакт класата, повеќе нема да се прозиведуваат во изведба со мотор со внатрешно согорување. Доколку купувачите подолго време останат резервирани во однос на електричниот погон, БМВ ќе може да продолжи да ги нуди останатите модели со класичен погон. Но, Баварците во тој случај ќе заработуваат далеку помалку од новата платформа, чијшто развој е скап. Дали Ное Класе ќе се пробие, зависи од неколку фактори:

Од што зависи успехот на БМВ

Побарувачката за електричните автомобили во изминатите месеци опадна не само во Германија, туку и општо. Првите купувачи се обезбедија со електрични автомобили, но сега треба да се работи на убедување на купувачите во најширокиот пазарен сегмент. Тоа значи дека треба да се освојат купувачите кои автомобилот го гледаат само како превозно средство, а не како статусен симбол. Побарувачката ќе порасне повторно откако ќе се качат цените на горивата и ќе се продолжи со проширување на мрежата од полначи. Но, тешко е да се предвиди кога ќе се случи тоа.

БМВ верува дека неговите клиенти ќе бидат многу храбри околу дизајнот на Ное Класе. Тоа може да биде проблем, затоа што купувачите на БМВ мораат да го прифатат новиот изглед. Прогресивниот дизајн на марката повеќепати досега доведувал до проблеми. Тоа се случи во 2001 година со серијата 7 од генерацијата Е65, а потоа и со и3 во 2013 година. Во поново време, проблем беа преголемите бубрези во маската. Истото важи и за внатрешноста што е пречистена од секаков вишок копчиња. Купувачите мора да се навикнат и на тоа.

За 2025 година се најавени Ауди А4 е-трон, врз новата платформа ППЕ, и моделите на Мерцедес од компакт класата, исто така врз нова платформа ММА. Неизвесно е како тие ќе се покажат во однос на моделите од Ное Класе.

Видеото од тестот на БМВ 520д

Претходна објаваТест · Киа Соренто · Така се вози успехот
Следна објаваМилиони Тесла повторно со безбедносен проблем, хаубата може да се отвори среде возење

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here