Продажбата на Мерцедес-Бенц од 2020 година наваму се движи околу вредноста од два милиони возила. Компанијата има план за наскоро да продолжи со зголемување на продажбата, а притоа пак да ја следи стратегијата на луксузни автомобили со високи цени.
Пет проценти раст во продажбата. Тоа беше клучен дел од стратегијата за луксуз, што шефот на Мерцедес, Ола Келениус, ја одреди во 2022 година, заедно со шефот за финансии Харалд Вилхелм. Таа стратегија главно предвидуваше преоѓање во уште повисоките ценовни сегменти и посветување на продажба на луксузни модели.
Штутгарт во изминатите години постигнуваше силна заработка и значително ја зголеми просечната цена по којашто се продаваат возилата, меѓутоа волуменот мирува. Продажбата постојано е околу два милиони возила.
Со 959.700 возила, продажбата во првото полугодие беше за шест проценти под резултатот од истиот период лани, иако во првите три месеци од годината постигна раст.
На времето тоа беше поинаку. До 2019 година, Мерцедес постојано ја зголемуваше продажбата. Се случуваше во некои години растот да достигне 10 проценти. Највисоката продажба што ја постигна Мерцедес-Бенц се 2,34 милиони возила. Од корона-пандемијата, овој тренд се смени. Во 2024 година, Мерцедес-Бенц повторно ќе им испорача околу два милиони возила со сребрената ѕвезда на своите клиенти и со тоа ќе се врати на вредноста од 2016 година.
Четврта година стагнира продажбата
Стагнацијата трае веќе четврта година. Губењето одреден дел од пазарот во извесна мера е предвидено во стратегијата и прифатено е дека тоа ќе се случи. Во спротивно, би било потребно да се трошат пари на попусти, а тоа пак би одело на товар на маржата. Побарувачката за моделите на Мерцедес-Бенц на домашниот пазар падна за 16 проценти во првото полугодие, додека пазарот во Северна Америка се скуси за три проценти.
На најважниот пазар Кина, Мерцедес веќе се години тапка во место, иако до пред 2020 година токму таму неретко се постигнуваше раст во продажбата и за една третина.
„Но, и по крајот на пандемијата, купувачите останаа претпазливи“, оцени Келениус во телефонска конференција со новинарите, при објавувањето на деловните резултати за првото полугодие од 2024.
Во моментов оди тешко продажбата на луксузни автомобили во Кина, исто како и на скапите електрични автомобили. Кинезите повеќе не трошат толку многу, што се поврзува и со кризата со недвижнините. „Очекуваме дека тоа ќе ја следи продажбата и во остатокот од годината“, вели Келениус.
Продажбата на С-Класа опаѓа
Топ-Енд сегментот, главниот сегмент во којшто Мерцедес-Бенц планира да ја зголеми продажбата, не остана поштеден од кризата. С-Класата бележи намалена продажба на речиси сите поголеми пазари. Келениус цени дека тоа се вообичаени осцилации во продажбата на пазарниот век на С-Класата и посочува дека луксузниот крстосувач сепак го одбрани својот пазарен удел од конкурентските модели.

С-Класа обично постигнува најдобра продажба при премиерата на новите генерации и при моделските опсвежувања, за во годините потоа да забележи посилен пад. Добро е познато и дека електричните модели, како Е-Ку-С или Е-Ку-С СУВ се под очекувањата.
Новите импулси за продажбата ќе доаѓаат оздола
Место тоа, новиот поттик за продажбата ќе доаѓа од класите со подостапни модели. „Имаме амбиција да растеме“, нагласи уште еднаш шефот за финансии Вилхелм. Во следните години претстои офанзива со нови модели. Во 2025 година ќе се обнови целата понуда од модели во компактната класа. Како основа за нив ќе служи новата платформа ММА.

Воведниот такт ќе го даде ЦЛА, а потоа во куси временски растојанија ќе следат комбито ЦЛА Шутинг Брејк, ГЛА и ГЛБ. Сите модели ќе бидат достапни и во изведба со електричен погон, и со современи мотори со внатрешно согорување.
Потоа следат електрични Ц-Класа и ГЛЦ, што исто така се темелат врз нова конструирана платформа МБ.ЕА. Исто како во моделите врз база на А-Класа, и моделите од Ц-Класата ќе користат оперативен систем МБ.ОС. „Со тоа сме обезбедени со муниција, за да постигнеме нов раст во продажбата“, цени Вилхелм.
















