за

Германски медиуми: Добавувач на БМВ испушта арсен од рудникот во Мароко

Истражување на влијателни германски медиуми покажа дека важен добавувач за БМВ од својот рудник во Мароко испушта големи количини отровен арсен.

bmw i

Германскиот производител на автомобили БМВ се соочува со обвинувања поврзани со еден од неговите важни добавувачи. Според истражувањето на НДР, ВДР и Зиддојчер Цајтунг, мароканскиот добавувач на суровини Манагем испушта големи количини отровен арсен во животната средина, од својот рудник во Боу Азер.

Покрај обвинувањето за испуштање отровен арсен во животната средина, германскиот производител БМВ се товари дополнително и со тврдењата на тековни и поранешни вработени во мароканскиот рудник за кобалт, за непочитувањето на светските стандарди за заштита при работа и за непријателскиот однос кон синдикатот од страна на Манагем.

БМВ најави дека ќе спроведе истрага за обвинувањата. Германскиот производител во 2020 година случи договор со Манагем во вредност од 100 милиони евра. Договорена е испорака на кобалт, што БМВ го користи при изработката на батерии за своите електрични возила. Експертите ценат дека пријавените состојби во рудникот се во спротивност со германскиот закон за синџир од добавувачи.

Во соопштението од БМВ во 2020 година, стоеше дека производителот на возила од премиум марката во иднина ќе набавува „одржлив кобалт“ од Мароко. Околу една петина од потребата на БМВ од кобалт ќе се покрива од рудникот во Мароко. Концернот тогаш ветуваше и „етички одговорно добивање суровини“, и најавуваше дека „почитувањето на стандардите за заштита на животната средина и на човечките права“, за БМВ ќе имаат „највисок приоритет“ при набавката на суровини.

Заедничкото истражување на НДР (Норддојчер Рундфунк), ВДР (Вестдојчер Рундфунк) и СЗ (Зиддојчер Рундфунк), во соработка со францускиот Репортер и мароканскиот Хавама покажуваат дека од рудникот Боу Азер се испуштени големи количини арсен во животната средина. Проби од водата за пиење и од урината, земени од локалните жители, го потврдиле сомневањето.

Во испитувањето на земените проби учествувале и научници од центарот за истражување на животната средина Хемлхолц во Магдебург

Рудата што се ископува во Боу Азер, содржи арсенид, што во допир со вода преоѓа во отровен арсен. Во примерок од речно корито веднаш под рудникот, измерени се над 18.000 микрограми арсен по литар. Дозволената вредност според СЗО изнесува 10 микрограми. Германските научници се вчудоневидени и укажуваат дека досега немаат видено толку висока концентрација на арсен. Секако дека тие предупредуваат на неопходноста за итни мерки.

Дури и проби земени во оаза на десет километри од рудникот, содржат концетрација што е 40 пати над дозволената. Селаните во оазата ја користат водата за наводнување на растенијата. Примероците од урина од жители во непосредна близина на рудникот, исто така ги вознемирија научниците.

Покрај тоа, новинарското истражување покажа дека работниците не се обучени за работа со опасниот материјал и не се информирани за здравствените опасности. Работниците не носат заштитна опрема. Договорите за работа се потпишуваат на мошне кус временски период. Во случај на заболување, работниците се отпуштаат без социјална грижа.

Во Германија од почетокот на 2023 година важи закон за синџир на добавувачи. Законот ги обврзува големите компании најтемелно да го проверат почитувањето на човечките права и на животната средина, и по потреба да преземат мерки.

Фирмата Манагем е во сопственост на мароканската кралска фамилија. Неодамна и Рено потпиша преддоговор со Манагем за набавка на кобалт.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Концернот на Киа и Хјундаи гради фабрика од 1,5 млрд. долари за електромобили

Мотоцентар и РСБСП: Да ја победиме сообраќајната некултура