за

Концернот на Киа и Хјундаи гради фабрика од 1,5 млрд. долари за електромобили

Киа и Хјундаи очекуваат производството во фабриката да започне во првото тромесечје во 2026 година.

Киа и Хјундаи во понеделникот почнаа со изградба на фабрика вредна 2 трилиони вони (околу 1,52 милијарда долари) во Јужна Кореја, којашто ќе биде наменета за производство на електрични возила. Концернот со тоа ја покажува решеноста да се збогува со моторите со внатрешно согорување.

Концернот на Киа и Хјундаи, трет најголем производител на автомобили во светот, со марките Киа, Хјундаи и Џенезис, планира производството во полн обем во фабриката да започне во првото тромесечје во 2026 година.

Изградбата се очекува да биде готова кон завршетокот на 2025 година, наведува производителот во денешното соопштение.

Фабриката во Улсан, на југоистокот на земјата, ќе располага со капацитет за производство на 200.000 возила годишно. Првиот модел што ќе излезе од фабриката ќе го носи знакот на луксузната марка Џенезис и тоа ќе биде СУВ-модел со електричен погон, веројатно со истата техника од Киа ЕВ9.

Компанијата со своите три автомобилски марки уште во април годинава најави дека планот е до 2030 година да бидат пуштени во продажба 31 нови модели со целосно електричен погон.

„Верувам дека Улсан ќе прерасне во град на иновативната мобилност што ќе го предводи патот во ерата на електрификацијата“, кажа претседателот на компанијата Ејсун Чанг, на свеченото поставување на темелите на фабриката. Тоа е прва нова фабрика на компанијата по 29 години.

Комплексот во Улсан е најголем производствен центар на Киа и Хјундаи, со сопствено пристаниште и со капацитет за производство на 1,4 милион возила годишно. За извоз заминуваат 1,1 милион возила на годишно ниво.

Производителот посочи дека не планира да отстапи од своите планови за пуштање во продажба на своите идни модели со електричен погон, наспроти некои соперници што го подзапреа производството на електрични возила, поради намалената побарувачка.

Во минатата година групацијата на Киа и Хјундаи постави темели за фабрика за електрични возила и батерии за нив, вредна 5,54 милијарди долари, во Џорџија, сојузна држава во САД.

На прашањето дали компанијата има намера да гради и други фабрики што ќе бидат наменети за електрични возила, на новинарите им беше одговорено дека Киа и Хјундаи во моментов се посветени на фабриките во САД и дома.

Kia EV6 4WD GT-line

Забавувањето на плановите за електрични возила главно се однесува на домашните производители во САД. Џенерал Моторс го одложи за една година почетокот на производството на своите електрични пикапи Шевроле Силверадо и ЏиЕмСи Сиера во фабриката во Мичиген.

Форд Мотор исто така укина една од трите работни смени во фабриката што го произведува електричниот пикап Ф-150 Лајтнинг.

Тесла исто така ги одложи плановите за фабриката во Мексико, додека Џенерал Моторс и Хонда во минатиот месец објавија дека го прекинуваат планот вреден 5 милијарди долари за заеднички развој на електрични возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекордни резултати на Сеат во првите девет месеци од годината

bmw i

Германски медиуми: Добавувач на БМВ испушта арсен од рудникот во Мароко