за

Нова марка во групацијата: Alpina станува дел од BMW

Групацијата BMW добива принова. Марката Alpina станува дел од минхенската компанија.

BMW наскоро ќе располага целосно со правата на марката Alpina и ветува уште поголема разновидност во својата понуда од луксузни модели.

Останува само уште надлежните органи да проверат дали зделката се коси со правилата за спречување картелско здружување, за трансакцијата да се комплетира и Alpina да стане дел од групацијата BMW. Договорот меѓу традиционалната и светски прочуена тјунерска работилница Alpina и групацијата BMW, последен пат беше обновен на крајот на 2020 година и тој истекува на 31.12.2025 година. Не се објавува податок за тоа колку овој бизнис потфат го чинеше Минхен. Единствено се наведува дека не се работи за акциски удел.

BMW и Alpina тесно соработуваа повеќе од половина век. „Автомобилската индустрија се наоѓа среде темелна трансформација во насока на одржлива мобилност. Постоечките деловни модели мора редовно да се преиспитуваат. Во Бухлое подолго од половина век се покажува мошне уверливо, како со голема љубов за деталите може да се реализира највредна автомобилска култура на четири тркала. Таа страст за фасцинантни автомобили ја движи и групацијата BMW“, порача Питер Нота, член на управниот одбор на BMW AG, одговорен за клиенти, марки и дистрибуција.

Малите производители од ковот на Alpina немаат многу шанси за опстанок во ерата на електрификацијата и во ерата на строгите норми што се поставуваат во поглед на еколошката погодност на автомобилите. Луксузните автомобили повеќе не може да се расфрлуваат со ексклузивна бројност на цилиндри и импресивна работна зафатнина, туку се условени на електрификација, делумна или целосна. Преоѓањето на Alpina во BMW не е друго освен единствениот разумен начин за обезбедување на иднината за малата, но фина компанија од гратчето Бухлое.

До крајот на 2025 година, семејната компанија на Бофензипенови ќе продолжи со својата инженерска работа врз моделите на BMW Alpina и ќе развива, произведува и продава автомобили според постоечкиот договор. Зафатите на Alpina се однесуваат на моторот и менувачот, на подвозјето, на аеродинамичноста, како и на изведувањето на внатрешноста на возилата. Каросериите пристигаат од фабриките на BMW, за потоа да се изврши рачна доработка во Бухлое.

Возила и натаму ќе се развиваат и преработуваат во Бухлое, а се задржува и постоечката винарија на фамилијата Бофензипен. На вработените во Alpina, чиишто работни позиции ќе бидат укинати по 2025 година, претходно ќе им биде понудено да се квалификуваат соодветно и да се вработат во групацијата BMW.

ALPINA Burkard Bovensiepen GmbH + Co. KG е основана на 1-ви јануари 1965 година. Компанијата во 1960-те години е активна во тјунирањето и мотоспортот со возила BMW, а од 1978 година започнува со производство на возила што се темелат врз автомобилите на BMW AG. Од 1983 година, компанијата е регистрирана како официјален производител на автомбоили. Компанијата моментно вработува 300 лица. Лани биле изработени околу 2.000 возила. Возилата се извезуваат во Јапонија, САД и на Блискиот Исток. Вториот бизнис на компанијата е трговија со вино.

BMW за познавачи: 50 годишнина на BMW Alpina

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германската фабрика на Tesla почнува со испораки на 22-ри март

Toyota лани продала 6.000 автомобили со погон на водород