за

Ветено – сторено: BMW испорача милион возила со електромотор во погонот

Еден милион хибридни и чисто електрични автомобили со знакот на BMW. Баварците веќе најавуваат следна цел, за две години до вториот милион.

Во завршницата на годината, групацијата BMW го одбележува милионитото возило што користи електромотор во погонот. Се погоди и славеничкиот модел, тоа е BMW iX xDrive40. Електричниот кросовер со „вселенска“ технологија треба наскоро да се појави и во салонот на М Кар.

Во „Светот на BMW“, во центарот што Баварците ѝ го посветија на својата марка, во понеделникот на 6-ти декември, на сопственикот му беше испорачано милионитото возило на BMW со електричен погон. Во чест на историското достигнување, клиентот покрај клучот од возилото доби и полнач BMW Wallbox, со вклучени трошоци за поставување во домот, како и вредносен ваучер за користење на мрежата од полначи ширум Европа, што е опфатена во услугата BMW Charging.

Питер Нота, директор за клиенти, марки и продажба, најавува дека BMW во следните две години ќе го достигне и вториот милион возила со електрифициран или електричен погон: „Во 2022 година ќе ја удвоиме продажбата во споредба со годинава. Во 2025 година веќе ќе имаме испорачано два милиони чисто електрични возила. Очекуваме дека во 2030 година најмалку секое второ продадено возило од групацијата BMW ќе вози целосно на струја“.

Во средината на ноември започна продажбата на BMW iX и BMW i4, како два клучни носители на промените во групацијата. Понудата од чисто електрични модели в година ќе се збогати со моделска верзија на лимузината од серијата 7 и на компактниот СУВ-модел X1. Во 2023 година ќе следи и целосно електрична верзија во гамата на серијата 5. Најавени се и нова генерација на Mini Countryman, како и целосно електричен Rolls-Royce Spectre.

Идната „Neue Klasse“ ќе постигне продажба споредлива со традиционалните моделски серии на BMW

Во 2023 година, во деведесет проценти од сегментите што ги покрива компанијата ќе се нуди најмалку по еден модел со целосно електричен погон. Планот е во следните десет години да се достигне продажба од околу десет милиони возила со погон само на струја. Повторно се спомнува и BMW Neue Klasse, „новата класа“, што треба да доживее премиера во втората половина од деценијава и од неа се очекува да постигне високи бројки во продажбата, што ќе бидат споредливи со познатите моделски серии на BMW.

Mini во почетокот на следната деценија ќе прерасне во целосно електрична марка. Истото важи и за Rolls-Royce, а секако дека и мотоциклите на BMW Motorrad нема да бидат изоставени, барем кај моделите што се наменети за урбан сообраќај.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Автоконцерните сами ќе си произведуваат чипови

Како се случи Octavia во Германија да се продава подобро од Golf?