Според најофицијалната продажна статистика во Германија, најпродаван модел воопшто на најголемиот пазар на автомобили во ноември во Европа била Škoda Octavia. Моделот што со децении беше сосем природно да тронува на тоа место, Volkswagen Golf, заостанува зад моделот на којшто тој му служи за пример.
Германската статистика открива дека најпродаван модел во минатиот месец е Škoda Octavia, со 3.307 примероци, додека вечниот Golf заостанува со продадени 3.186 примероци. Тоа е необично за моделот што го градеше Волфсбург и целиот концерн, но и за моделот што служи како техничка основа за уште најмалку десетина моделски изведби во гамата на целиот концерн Volkswagen. Вклучувајќи ја Octavia.
Во меѓувреме, статистиката што се брои за целиот европски пазар, веќе неколку месеци наведува друг модел освен Golf на врвот на продажбата. Што се случува со Golf?
Ништо не се случува со Golf, туку се случува со неговите современици ID.3 и ID.4. Тие не се друго освен „електричен голф“. Сензацијата што масовно ќе се пренесува во медиумите во следните денови, реално е далеку од сензација. На близу 3.200 продадени примероци од Golf во ноември на германскиот пазар, доаѓаат уште 1.517 примероци од Volkswagen ID.3 (Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија), па на тоа уште 1.151 примероци од СУВ-варијантата ID.4.
Тоа практично значи дека Golf на месечно ниво не се продава во 3.200 примероци, туку во близу 6.000 примероци, вклучувајќи ги електричните „голфови“ под името ID. И, одненадеж сé се вклопува. Уште пред да стартува продажбата на електричните ID.3 и ID.4, беше сосем јасно дека тие постепено ќе го заземат местото на Golf, веројатно завлегувајќи и во ревирот, во територијата на Tiguan.
Вкупно во единаесетте месеци се продадени 85.843 примероци од Volkswagen Golf, уште 25.201 примероци од ID.3 и уште 11.384 примероци од ID.4
Вистинскиот шампион во меѓувреме е сосем трет модел од сосем трета марка. Opel Corsa во ноември е најпродаван модел во Германија со 4.806 примероци. Тоа, пак, и не мора да биде изненадување, имајќи предвид колку моделот е погоден. Corsa во време кога Opel е дел од концернот на Peugeot, колку и да се претпоставуваше дека ќе го изгуби идентитетот, всушност е неспоредливо помоќна отколку во сиве децении во коишто марката со молњата беше под американскиот General Motors. Кусо, Opel конечно може да биде Opel повторно.
Дури и вицешампионот не е Golf или Octavia, но пак е поврзан со нив. T-Roc имал 4.719 продажби во минатиот месец. Трет е електричниот Renault Zoe (4.200), па во време на чип-криза високо се каталуптира Volkswagen Up (3.986), за водечката петорка да ја заокружи Mini со 3.973 продадени примероци.
Потоа доаѓаат Mercedes-Benz GLC со 3.964 продажби, Fiat 500 (со 3.904 примероци) и Tesla Model 3 со продадени 3.825 возила, па дури на дното на германскиот Топ 10 се Octavia и Golf.
Вкупно од јануари до ноември, најпродаван автомобил и натаму е Golf, пред T-Roc, Tiguan, Corsa и Passsat. Меѓу петте најпродавани модели, четири се Volkswagen. И потоа, велат Golf не бил најпродаван. Како што тоа умеат да го коментираат во концернот: Сé завршува во иста каса.