за

Овој Bentley и дождот знае да го почитува

Bentley Mulliner Bacalar
Bentley Mulliner Bacalar

Пример за тоа колку е ексклузивен овој автомобил: Дрвото што се користи во внатрешноста на Bentley Bacalar е старо пет илјади години. Сите дванаесет примероци од двоседот под отворено небо се продадени, Bentley не ја открива цената. Но, барем покрив можеше да биде вклучен во цената.

На прв поглед, Bacalar личи на Continental GTC. Тоа важи за техниката, меѓутоа што се однесува до каросеријата, ниту еден дел не е преземен од друг модел. Единствено рачките во вратите, заедно со техниката за пристап без клуч, потекнуваат од Continental GT. Сите останати делови се изработени посебно за Bacalar. Вратите и крилата се изработени од карбон. Во предниот дел се препознава сличност со EXP 100 GT, што британската благородничка марка го прикажа по повод стогодишнината. Во споредба со Continental GT, опашот е поширок за 20 милиметри. На тој начин е ослободен простор за уникатните бандажи од 22 инчи.

Зад седиштата се изведени куполи што се карактеристични за концептот на „спидстер“. Покрив што ќе заштити од дожд не е предвиден, овој автомобил е наменет за уживање при убаво време. Во изгледот на опашот нема сличности со останатите модели на Bentley. Таму доминираат тенки светла, со златно лого на Bentley меѓу нив.

Bacalar е именуван според познатиот мексикански залив, името во регионов се користи и за вид морска риба

Bacalar е чист двосед. Место задна клупа како кај Continental GT, просторот зад седиштата е наменет за сместување на куферите што се изработени посебно од специјалистот Schedoni. Повеќето од деловите во кокпитот потекнуваат од Continental GT, вклучувајќи го превртливиот дисплеј, но сите се доработени и облагородени. Средишната конзола е подигната дополнително, за патниците да добијат посилно чувство дека се дел од автомобилот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Трошоците за изработка биле во спореден план. Само за шиењето на седиштата се изведени 148.199 бодови. За материјалите се избирало само најдоброто, вклучувајќи дрво старо 5.000 години, најквалитетна волна и кожа белуга.

Под хаубата работи познатиот шестлитарски W12, кого Bentley го цени како најнапреден дванаесетцилиндарец во светот. Наспроти 635 КС во останатите модели, моторот тука располага со моќност од 659 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Британците не ја откриваат цената, но за ориентација може да се земе фактот дека и „обичниот“ Continental GTC, без посебни желби на купувачот, чини околу 250.000 евра. За Bacalar е мошне веројатно да се очекува цена од околу милион евра. За таа цена се добива најексклузивниот модел на Bentley во историјата. Толку ексклузивен, што покрив не му е потребен.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes E-Class 2020

Mercedes E-Class пак го направи тоа: Нов нос, вредностите стари

toyota електрични возила

Студија: Германија в година станува најголем производител на електрични возила