
Бентли Моторс ѝ се придружува на Шкода (Шкода Ауто Фолксваген Индија Прајват Лимитед, САВВИПЛ) во походот на индискиот пазар. Со овој чекор, директното присуство на концернот Фолксваген во Индија се збогатува со Бентли, којшто им се придружува на Шкода, Фолксваген, Ауди, Порше и Ламборгини.
Бентли е присутен во Индија од 2003 година, преку увозникот Ексклузив Моторс. Британскиот производител очекува нова ера во својот раст. За Бентли не постојат статистики за продажбата во Индија за минатата година, меѓутоа е сосем извесно дека се работи за релативно мал удел на пазарот.
Царини до 300 проценти
Според податоците на индиската автомобилска индустрија, во 2024 година во земјата биле продадени околу 51.000 луксузни возила. Во овој сегмент владее Мерцедес-Бенц со продадени близу 20.000 возила, а по него е БМВ со околу 15.000 возила.
Голем предизвик за бизнисот се високите царини. Луксузните возила во основа се водат како „комплетно изработени возила“ (ЦБУ), коишто подлежат на 110 проценти царина.
Дополнително на тоа следат 28 проценти данок за добра и услуги ГСТ, потоа до 22 проценти компензациски цес, како и регионални давачки за патишта и регистрација во висина меѓу 10 и 20 проценти. Ефективното оптоварување на цената на увезените луксузни автомобили, од ковот на Бентли, се движи меѓу 200 и 300 проценти.
Бентли ќе работи со три дистрибутери
Со основањето на Бентли Индија во рамките на САВВИПЛ нема да се промени висината на царините, меѓутоа британската марка ќе користи придобивки од соработката со останатите марки. Планот е пазарот да се распредели на три дистрибутери, по еден во Бангалор, Мумбај и Њу Делхи.
„Индија е меѓу најдинамичните народни економии во светот и стартот на Бентли Индија во оваа земја ја прикажува посветеноста на Бентли во растот на еден пазар, на којшто веќе располагаме со клиентела што е бројна и стекнува сé поголема купувачка моќ,“ вели Ричард Леополд, регионален директор на Бентли Моторс.
Шкода е главната марка за целиот концерн во Индија
Раководењето со целата стратегија на САВВИПЛ ѝ припаѓа на Шкода, којашто е одговорна за Индија за целиот концерн, како еден од најважните пазари во раст во светот. Шкода е активна во Индија од 2001 година, а од 2018 година управува со развојот на концернот според стратегијата што се води како Индија 2.0.
Целта на САВВИПЛ е да постигне синергија меѓу марките на концернот, да поттикне локален развој, но и производство, како и да понуди возила по попривлечни цени на пазарот што е посебно чувствителен во тој поглед. Пример за локалниот развој се моделите Кушак, Славија и Кајлак на Шкода, како и двата модели Тајгун и Виртус на Фолксваген.
Се води царински спор за милијарди долари
Ангажманот на САВВИПЛ во моментов трпи од царинскиот спор што се води за сума од милијарди долари. Индиската влада бара 1,4 милијарда долари од Бентли, што може да достигне и сума од 2,8 милијарди долари, вклучувајќи ги казните. САВВИПЛ се обвинува дека од 2012 година, преку претходните фирми, увезувал речиси целосни возила во расклопена состојба, со цел да ги избегне царините.
Еден од адвокатите на Фолксваген предупреди дека компанијата во Индија се соочува со „живот или смрт“. Исходот од судскиот спор може да им упати лош сигнал на останатите интернационални компании, затоа што индиските власти бараат царини да се подмират ретроактивно за последните 12 години. Уште се чека пресудата на индиските судови.















