Еолус Шајн, најдостапната лимузина на македонскиот пазар, што користи иста платформа со моделите на Стелантис и во салонот на Донгфенг се нема појавено повторно од минатото лето, поради тоа што сé се испорачува веднаш, отсега ќе го раздвижува и српскиот пазар. Во таа мисија ќе помагаат и останатите модели што ни се познати, од марките Фенгон, Фортинг, ДФСК, Нами.
Донгфенг смени многу нешта на македонската автомобилска сцена, посебно во начинот на којшто се гледаат кинеските автомобили. Од почетокот на продажбата на ДФСК Глори 560 пред половина деценија, со секој следен модел што беше пуштан во продажба, кинескиот производител прикажа брзина на трансформација каква што одамна немаме видено кај западноевропските производители.
На оваа приказна на успехот, што секако дека нема да остане само на приказна, отсега можат да се приклучат и српските возачки и возачи, секако и компаниите. За разлика од македонскиот пазар, каде што возилата се нарачуваат директно од фабрика, без посредник, возилата од марките на Донгфенг доаѓаат на српскиот пазар преку бугарската Ауто Унион Група, којашто е воедно и увозник на Донгфенг во источната земја.
Продажно сервисниот центар на Донгфенг е отворен во Белград, во населбата Врачар, и за време на свеченоста секако дека главното внимание го привлече Еолус Шајн. Покрај лимузината што на тестот на Аутомедиа во минатото лето убеди со штедливоста и со комфорот, во дворот на објектот беа изложени и познатите ДФСК 500, Фенгон 600, електричниот Нами Бокс и луксузната лимузина на струја Фортинг С7, но и два модели од премиум марката Воја.
Српските цени се значително над македонските. Еолус Шајн во изведба со 6-степен менувач со двојна спојка таму чини 21.222 евра, додека кај нас е далеку под 20.000 евра. Истото се забележува и кај најновиот модел Еолус Мејџ, со тамошна цена од 30.888 евра, наспроти македонската цена од 25.900 евра. Планот е да се продава и екстравагантниот теренски автомобил Менгши М-Херо, со врвна констуркција и погон на струја со моќност од преку 1.000 КС, по цена од 150.000 евра.
Разликата во цената и предноста што ја уживаат македонските возачки и возачи се должат на фактот што возилата на Донгфенг, од сите негови марки, пристигаат на македонскиот пазар директно со нарачка од фабрика, без посредништво и без дополнителна маржа што се поврзува со тоа.
















