
Трамп ја соопшти веста преку две писма што на 12-ти јули беа објавени на друштвените мрежи и во коишто трговските партнери се известуваат за новите царински стапки што ќе почнат да се применуваат на 1-ви август, доколку во меѓувреме не се постигне спогодба за поповолни услови.
Тој во изминатата недела испраќаше писма до земјите, со покана да се преговара за царински стапки што ќе бидат поповолни од априлските и со понуда до трговските партнери да се продолжат преговорите.
ЕУ очекуваше да постигне привремена спогодба со САД со цел да се избегнат високите царини, но писмото од Трамп го урна краткотрајниот оптимизам во Брисел, со надежи дека во последна минута ќе се постигне договор меѓу двете силни економии.
Трамп сепак остави простор за дополнителни договори.
„Доколку сакате да го отворите вашиот досега затворен пазар за тргување со САД, и ги отстраните вашите царински, нецарински, политички и трговски бариери, ние можеби ќе размислиме да ја смениме содржината на ова писмо,“ напиша Трамп.
Ќе важи единствена висина на царинските стапки, со исклучок на посебните царински стапки што претседателот ги воведе за неколку сектори, како автомобили и челик. Доколку тие се применат, ЕУ ќе биде помалку конкурентна во споредба со извозот на САД во Обединетото Кралство, коешто ја напушти Унијата и беше прва земја што склучи спогодба за трговија со Трамп.
Трамп не го спомнува посебниот третман за автомобили што од ЕУ се увезуваат во САД.
Засега останува царинската стапка од 27,5% за автомобили
Германското здружение на производители на автомобили ВДА посочи дека уште не е најдено решение да се олесни тековната царинска стапка од 27,5 проценти за увоз на автомобили од ЕУ во САД, којашто останува на сила.
„Жалиме за постоењето закана за натамошно влошување на трговскиот спор,“ порача претседателката на ВДА, Хилдегард Милер. „Трошоците на нашите компании веќе достигнуваат милијарди и тој износ се зголемува секој ден,“ вели претседателката, додавајќи дека добавувачите исто така трпат големи штети од увозните царини.
Европските производители на автомобили и натаму се надеваат дека САД и ЕУ ќе постигнат спогодба за намалување на царинските стапки за увоз на автомобили, вклучувајќи можност за т.н. нетинг-механизам, за увозот да се изедначи со извозот.
Извршниот директор на БМВ, Оливер Ципсе, на настан на компанијата што се одржа на 11-ти јули, изјави пред новинарите: „Оптимист сум дека може да се постигне договор, но прво мора да ги видиме резултатите.“
БМВ ќе има придобивки од нетинг-мехамизнот, затоа што својата најголема фабрика ја поседува токму во Спартанбург, во Јужна Каролина.
Механизмот ќе се заснова врз вредноста на извозот од САД – којшто во случајот на БМВ вредеше преку 10 милијарди долари во 2024 година – место врз бројот на извезени возила, појаснува Ципсе.
„Имаме важен агрумент, затоа што сме најголем извозник на автомобили од САД“ нагласува Ципсе, зборувајќи за 225.000 возила што БМВ лани ги извезе од земјата.
Доколку двете страни се сложат за таков механизам, корист од тоа ќе има и увозот на делови за автомобили.
ЕУ ги одложува противмерките и чека продолжение на преговорите
Откако Трамп се закани со царинска стапка од 30 проценти за Унијата, шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, кажа дека унијата ќе го одложи воведувањето на трговските противмерки кон САД на 1-ви август, за да продолжат преговорите. Мерките на ЕУ беа усвоени како одговор на царините што Трамп ги воведе претходно, за челик и алуминиум.
„Во меѓувреме ќе продолжиме да подготвуваме натамошни противмерки, за да бидеме подготвени целосно,“ изјави фон дер Лејен пред новинарите на 13-ти јули во Брисел.
Тековниот список на противмерки опфаќа стока од САД во вкупна вредност од 21 милијарди долари. ЕУ има подготвено и поширок список, што се однесува на стока во вредност од 72 милијарди евра.
Трамп бара Мексико да вложи повеќе напори во борбата против фентанилот
Во своето писмо до претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, Трамп наведува дека земјата „ми помагаше да ги обезбедам границите“, но додаде дека тоа било недоволно.
Трамп додаде дека во случај Мексико да „не успее во борбата против картелите и во запирањето на влезот на фентанил“, САД ќе размислат да ги зголемат царинските стапки.
„Тие стапки може да се сменат, угоре или удолу, зависно од нашите односи со Вашата земја“, додава Трамп.
Во писмото не се наведува дали САД ќе ја исклучат стоката со којашто се тргува во рамките на спогодбата САД-Мексико-Канада, којашто е исклучена од актуелната царина во висина од 25 проценти. Администрацијата на Трамп претходно објави дека за Канада ќе продолжи да важи изземањето од царините.
Министерот за економија на Мексико, Марсело Ебрард, во објава на мрежата Икс ги оцени новите давачки како „неправедни“, наведувајќи дека двете земји штотуку воспоставиле нова работна група што ќе биде посветена на безбедноста, миграцијата и економските прашања.
Мексико е третата земја што доби писмо коешто содржи информација за зголемување на царините, по Канада и Бразил.
Меѓу останатите држави што се соочуваат со зголемување на царините се Јапонија, Јужна Кореја, Индонезија, Тајланд и Камбоџа, како и Алжир, Либија, Ирак и Шри Ланка.















