
Во октомври минатата година, Ентони Ло како еден од најпознатите дизајнери на автомобили во изминатите децении, ја презеде функцијата на главен дизајнер на БАИК. Во интервјуто за фабричкиот гласник Биг БАИК, Ло зборува за првите искуства на новото работно место.
Тоа е воедно и одлична пригода за македонската сцена да дознае повеќе за марката што доживеа премиера на нашиот пазар кон завршетокот на 2024 година и воедно марка што привлече огромно внимание на сцената, по тестот на БАИК У50 Плус, една од најдостапните лимузини на македонскиот пазар.
Во продолжение се 12-те точки во коишто Ентони зборува за своите искуства од првите месеци во работењето во БАИК?
Биг БАИК: Какви се Вашите искуства од БАИК?
Ентони Ло: Моите први месеци во БАИК поминаа мошне брзо. Научив многу за компанијата, за нејзината култура и за развојниот процес. Сите беа мошне гостољубиви и ми помогнаа да го доживеам најдобриот можен почеток во БАИК. Ми се допаѓа и работната средина во современиот центар за истражување и развој, којшто располага со добри услови за дизајнирањето да може да се одвива ефикасно.
Што Ве одушеви посебно во работата во БАИК?
Највозбудливото нешто кога еден дизајнер се придружува на нова автомобилска компанија е слободата што ја добива за да создаде нови дизајнерски правци, што ќе постигнуваат успех во иднина. Кинеската автомобилска индустрија доживеа брз раст во изминатите неколку години. Голем број модели со висок квалитет и напредна технологија беа лансирани од новите и од традиционалните производители на автомобили. Ценам дека тоа беше вистинскиот момент за да се придружам на БАИК Група и дизајнот да го претворам во движечка сила, преку создавање успешни марки и производи.
Какво чувство имате во комуникацијата со тимот на БАИК?
Во изминатите месеци се запознавав со голем број млади и талентирани дизајнери.
Сите тие се со отворени ставови и подготвени се да ја искажат својата креативност.
Од соработката со младиот дизајнерски тим, убеден сум дека претстои светла иднина. Сите тие сакаат компанијата да напредува и ќе дадат сé од себе.
Кои се приоритетите во Вашата работа? Кој е Вашиот првиот проект на којшто ќе рабтите со својот тим?
Мојот приоритет во моментов е да создадам дизајнерска стратегија за марките на БАИК Група. Добрата стратегија ќе стане референца и водилка за марката и за сите нејзини производи и услуги. Првиот плод од работата под мое раководство ќе биде прикажан на Шангај Ауто Шоу во 2025 година.
Шангај Ауто Шоу годинава се одржува од 25-ти април до 2-ри мај. Салонот последен пат беше одржан во 2023 година, кога беа изложени 1.413 возила, од кои 513 со делумно или целосно електрифициран погон

Кога решивте да станете дизајнер?
Хонг Конг има единствена автомобилска култура и таму постојат голем број автомобилски ентузијасти. Растејќи во Хонг Конг, гледав и запознавав голем број иконски автомобили од Европа. Сакав да цртам уште од најрани години и во моите блокови имаше главно цртежи на автомобили. Кога имав 14 години, на прашањето околу моето натамошно образование, му кажав на учителот дека сакам да станам автомобилски дизајнер. Пресвртницата се случи по дипломирањето како индустриски дизајнер на Политехничкиот Универзитет во Хонг Конг, откако поднесов пријава и бев примен на Ројал Колец Арт, за да студирам дизајн на автомобили.
Од каде ја црпите својата инспирација за автомобилите?
Присуствував на голем број собири на историски автомобили во Европа и САД, како судија. Тоа искуство ми овозможи, преку сопствениците да ја учам историјата на марките и на секој автомобил посебно. Иако веќе ги имав видено повеќето од тие бесценети автомобили, секогаш одново ми ги погодуваше чувствата кога ќе ги видев автомобилите на друг настан. Тие се создадени во различни ери, кога барањата за безбедноста уште не беа толку строги. Сепак, од тоа имаме да учиме уште многу. Во моето слободно време, сакам да посетувам галерии и музеи, да уживам во најновите изложби.

Дали имате дизајнерски концепт во којшто верувате?
Верувам дека добриот дизајн не доаѓа случајно. Дизајнирањето автомобили, исто како и некои други дизајнерски професии, претставува умешност за којашто се потребни долги години за да се стекне добра вештина. Процесот на дизајнирање автомобил е еден од најсложените процеси на креативно создавање во светот. Секако дека ќе создадеме дизајнерска стратегија пред да започнеме со некој проект. Секогаш треба прво да се погледне холистички, пред да се зумира во проектот.
Тоа е единствениот начин на којшто можеме да постигнеме одржлив раст во иднина.
Дизајнирањето на возила со електрифициран погон станува сé похомогено. Какви се Вашите ставови во тој поглед?
Имам сопствена теорија околу хомогеноста во некои модели со електрифициран погон. Не постои дизајнер што би сакал да копира постоечки дизајн. За револуционерен стил, сепак е потребно да помине извесно време и да се експериментира со новите идеи, без да се остави простор за загриженост дали тоа ќе има успешна иднина.
Во изминатите години беше приоритет новите модели колку може побрзо да се пуштат во продажба, така што времето за дизајнирање беше скусено значително. Под таков притисок од времето, дизајнерите и менаџерите повеќе сакаат да изберат дизајн што е сигурен, за да се избегне ризикот, тој да не успее на пазарот. Единствен начин да се надмине тој пристап е да се создаде посебен тим што ќе биде посветен да работи на дизајн од иднината. Дизајнерите ќе чувствуваат слобода да истражуваат нови полиња, да откриваат какви потреби ќе имаат клиентите во иднина, како и да создаваат нови концепти без времето да ги притиска. Резултатите од тоа ќе создадат основа за идните модели.
Какво влијание има регионалната култура врз дизајнот?
Постојат два аспекти кога се гледа влијанието на регионалната култура врз дизајнот. Бидејќи добар дизајн значи да се создадат нови решенија со коишто им се подобрува животот на луѓето, дизајнерите треба да имаат длабоки познавања за локалната култура и за предизвиците со коишто се соочуваат потрошувачите. Според тоа, првиот аспект е да се препознае кои се потребите на клиентите и да им се понудат единствени решенија. Овој дизајн, сепак може да не биде толку добро прифатен во други региони, доколку решенијата се премногу посветени на локалните потреби. Вториот аспект е во дизајнирањето да се внесе локалната култура, можеби дел од нејзината историја. Така може да се создаде производ што ќе ја прикажува локалната култура и со текот на времето ќе прерасне во заштитен знак (пример Лондонско Такси).

Што е поважно во дизајнирањето, талентот или упорноста?
И талентот и упорноста се подеднакво важни за да се биде успешен на полето на дизајнот.
Дали вештачката интелигенција може да замени…
Дизајнерите ги користат алатките на вештачка интелигенција (АИ), без да им се препушти целосна контрола, за да се создадат најразлични идеи за инспирација. Мора да се разбере дека дизајнерската професија е умешност на којашто дизајнерот треба да работи со години, за да стане добар во тоа. Развојот на дизајн е заедничка вежба. АИ има потенцијал да влијае врз стилизирањето, меѓутоа процесот на дизајнирање е толку сложен, што не е можно да се постигнат добри резултати, без способен тим од дизајнери, изработувачи на модели и инженери. Не верувам дека АИ алатките ќе можат во видно време да ги заменат дизајнерите.
Голем број кинески дизајнери Ве ценат како пример. Што би им порачале?
Почестен сум што дизајнерите ме ценат како пример. Важна лекција што ја научив кога бев почетник е таа дека дизајнерот некогаш мора да размислува како инженер. Сите ваши добри идеи нема да може да завршат некаде, доколку тие не може да се изведат во производството. Во исто време, не прифаќајте технички ограничувања што се застарени. Клучот е на вашиот колега инженер да му објасните зошто новото решение е клучно за вашиот дизајн да има успешна иднина.
Потребни ни се современи решенија за да ги исполниме очекувањата на потрошувачите во иднина. Уште едно: На тимот што раководи со дизајнирањето му се потребни колку е можно повеќе различни предлози за дизајн и мислења, за од тоа да се избере најдоброто решение. Како дизанер, потребно е да воведете свои ставови и да развиете сопствен дизајнерски пристап во процесот на креирање и да избегнете „следење на масата“.















